
Претставата „Мокументари“ дело на кореографката Адријана Данчевска Ровчанин, во продукција на Скопје танцов театар и Интерарт културен центар, утре, 10 ноември, ќе ја има својата албанска премиера во Тирана, во рамки на 21. издание на меѓународниот фестивал за современ танц Albania Dance Meeting (Албанија денс митинг). Изведбата ќе се одржи во салата Black Box (Блек бокс) на Универзитетот за уметности во Тирана, а во претставата ќе настапат Дејан Битровски и Нина Петрушевска.
Гостувањето во Тирана претставува продолжување на меѓународниот пат на „Мокументари“, која годинава беше избрана меѓу десетте најдобри современи танцови продукции во балканскиот регион, на регионалната платформа за современ танц Moving Balkans (Мувинг Балканс). Во мај претставата беше изведена во Нови Сад, во рамки на Moving Balkans Contemporary Dance Showcase (Мувинг Балканс контемпорари денс шоукејс), пред меѓународна професионална публика, составена од директори, куратори, програматори и претставници на европски фестивали и танцови организации.
Претходно во април, „Мокументари“ беше прикажана и на 22. издание на Танц Фест, како дел од Скопје танцовата платформа, пред професионална публика од над 50 директори, куратори и продуценти од водечки европски танцови организации, фестивали и танцови куќи. Платформата годинава претстави дванаесет продукции, од кои седум премиерни, овозможувајќи директна средба на македонските автори со меѓународната танцова сцена и отворајќи нови можности за професионална соработка и гостувања. Со презентација на шест продукции на Скопје танцов театар беше одбележан и значајниот јубилеј – 15 години континуирано уметничко творештво, продукција и развој на современиот танц во земјава и на меѓународната сцена.
„За еден кореограф, а особено за независен автор кој создава во Македонија, можноста делото да биде изведено пред меѓународна публика има огромно значење. Ваквите платформи не се важни само како простор за изведба, туку и како простор за видливост, дијалог и потврда дека делото комуницира и надвор од локалниот контекст“, истакнува Данчевска Ровчанин во интервју за „Културен печат“, нагласувајќи дека меѓународното претставување е особено важно за дела кои произлегуваат од специфични општествени и политички околности, но обработуваат универзални човечки искуства.
„Мокументари“ е остра кореографска рефлексија на современото македонско општество, во која преку телото и движењето се истражуваат механизмите на моќта, репресијата, стравот, отуѓеноста и тивкото соучесништво. Делото ги открива не само видливите притисоци што го обликуваат јавниот живот, туку и начините на кои стравот и приспособувањето стануваат дел од секојдневното однесување. Преку фрагментирана и нелинеарна нарација, претставата ги разградува конвенционалните приказни и ги преиспитува односите меѓу индивидуата и системот, без да понуди едноставни одговори или разрешница.
Како што објаснува кореографката, делото започнува како суров одраз на општествената реалност, но постепено преминува во шпекулативна фантазија, во која воспоставените односи на моќта се разградуваат, а идентитетите и родовите улоги се ослободуваат од познатите хиерархии. На тој начин, сценскиот простор станува променлив свет во кој авторитетот постојано се трансформира, а телото е истовремено носител на стравот, приспособувањето и можноста за отпор.
За „Мокументари“ пишуваше и Дарија Анкуца во критичкиот осврт „Three works that… live in states of alarm“ (Три дела што… живеат во состојби на тревога), објавен во јули годинава на „On Record“ (Он рекорд), критичката платформа на европската танцова мрежа „Aerowaves“ (Еровејвс). Во текстот, авторката го разгледува делото низ состојбата на постојана тревога и стравот како научено однесување, истакнувајќи ги променливите односи на доминација и потчинување и механизмите преку кои репресивните системи опстојуваат. Освртот ја поврзува претставата со пошироката општествена состојба на политичка исцрпеност и неизвесност, во која чувството на немир постепено станува дел од секојдневието.
Претставата ја имаше својата премиера во 2025 година, во рамки на „Денови на македонски кореографи“ и 21. издание на Танц Фест, во Националната опера и балет. Музиката за претставата е на Александар Гроздановски – Херцел, а сценографијата е на Ивана Мојсовска. Со гостувањето во Тирана, „Мокументари“ го продолжува својот меѓународен пат и ја потврдува важноста на македонската современа танцова продукција во регионален и европски контекст.

Македонски



