Skip to main content

50 млади дизајнери од Европа ќе бидат претставени на 13. Неделата на дизајн во Скопје која ќе се одржи од 21 до 27 ноември

Тринаесеттото издание на фестивалот, под темата „Crafting Tomorrow“, од 21 до 27 ноември ќе обедини дизајнери од Европа и Македонија, архитектура, современо занаетчиство, одржливи практики и нови генерации креативци.

Од 21 до 27 ноември, Скопје повторно ќе стане регионална и меѓународна точка на средба на дизајнот, креативните индустрии и современите идеи. Тринаесеттото издание на Skopje Design Week, под темата „Crafting Tomorrow“, ќе ја отвори дискусијата за тоа како традиционалните знаења, занаетчиските техники и локалното наследство можат да станат основа за современи и одржливи дизајнерски решенија.

На брифингот со претставниците на медиумите, организаторите ги претставија главните програмски содржини и концептуалните насоки на годинашното издание, кое го поставува дизајнот во поширок општествен, културен и економски контекст. Во фокусот се прашањата за начинот на кој создаваме и произведуваме, односот кон материјалите и ресурсите, вредноста на рачната изработка, но и можностите што ги отвораат новите технологии и меѓународната соработка.

Еден од најзначајните сегменти на годинашното издание е европската платформа Next Gen, преку која ќе бидат претставени проекти на 50 млади дизајнери од цела Европа. Оваа патувачка групна изложба е дел од проектот и истоимената Next Gen платформа, основана од Public Room и Skopje Design Week, во партнерство со европските организации Barcelona Design Week од Шпанија, What Design Can Do од Холандија, Design Austria и Vienna Design Week од Австрија и Mikser од Србија.

Десетмина од дизајнерите чии проекти ќе бидат претставени ќе учествуваат и на петдневна дизајнерска резиденција во просториите на Public Room, за време на фестивалот. Програмата е замислена како можност за непосредна размена на знаења, искуства и креативни практики, но и за воспоставување нови професионални контакти и соработки меѓу младите автори од различни европски земји.

Како дел од овогодинешното издание ќе бидат претставени проекти на 50 млади дизајнери од цела Европа. Оваа патувачка групна изложба е дел од проектот и истоимената Next Gen платформа, основана од страна на Public Room и Skopje Design Week заедно со европските организации Barcelona Design Week од Шпанија, What Design Can Do од Холандија, Design Austria и Vienna Design Week од Австрија и Mikser од Србија. Десетмина од дизајнерите кои стојат зад проектите доаѓаат и на дизајн резиденција која ќе се одржи во просториите на Public Room за време на фестивалот“, истакнува Тамара Георгевска, дизајнерка и организаторка.

Важен дел од програмата е и базарот посветен на локалните занаетчии и независните креативци, на кој ќе учествуваат 25 изложувачи. Неговата цел е да ја афирмира рачната изработка, автентичноста и индивидуалниот пристап во создавањето, давајќи им поголема видливост на авторите и малите креативни бизниси.

Со овој базар сакаме да им дадеме простор и видливост на локалните занаетчии, креативци и луѓе кои со своите раце, знаење, труд и посветеност создаваат уникатни производи. Сметаме дека овие луѓе заслужуваат да бидат ставени на пиедестал, да добијат заслужено внимание и можност да допрат до поширока публика. Во време кога масовната продукција и индустриското производство доминираат на пазарот, важно е да создадеме простор во кој рачната изработка, автентичноста и индивидуалниот пристап повторно ќе добијат вредност. Нашата цел е да им помогнеме на локалните творци да станат повидливи, да ја препознаеме вредноста на нивниот труд и да покажеме дека постојат алтернативи на масовното производство. Веруваме дека поддршката на локалните занаетчии не е само поддршка на мали бизниси, туку и вложување во креативноста, локалната економија и културата на создавање“, истакнува Ирина Михајлова, основачка на SHF – Second Hand Faves, здружение за циркуларна култура, колекционерство и одржлив развој.

Програмата на Skopje Design Week 2026 ќе опфати и четири предавања на архитекти и дизајнери од Австрија, Англија, Грција и Македонија, како и две панел-дискусии посветени на предизвиците со кои се соочуваат малите креативни бизниси и фриленс уметниците и дизајнерите.

Посебно место имаат и најмладите посетители, за кои се предвидени две детски претстави. Со оваа содржина фестивалот ја проширува својата публика и ја потврдува идејата дека креативноста, љубопитноста и односот кон создавањето се вредности што се градат уште од најрана возраст.
„Crafting Tomorrow“ е концепт што ги поврзува традиционалните занаетчиски техники со современите дизајнерски практики, рачната изработка со новите технологии, локалното наследство со глобалните тенденции. Во неговото средиште се материјалот, процесот, деталот и човечкиот допир, но и одговорноста што ја носиме кон ресурсите, производството и животната средина.