
Тројцата луѓе чии тела беа пронајдени во домот на 24-годишниот напаѓач кој вчера отвори оган на главниот плоштад во Краков се неговите родители (53 и 52 г.) и сестра (20), објави полската радио-станица РМФ ФМ, повикувајќи се на портпаролот на полицијата, Анджеј Фјолек.
Тој прецизираше дека жртвите се убиени од огнено оружје.
Телата беа пронајдени за време на синоќешната полициска операција во домот на напаѓачот, во градот Островјец Швјентокшиски, на околу два часа возење североисточно од Краков, за кои полскиот премиер Доналд Туск претходно изјави дека станува збор за најблиски членови на семејството.
Мажот со својот автомобил влегол на прометниот главен плоштад во Краков и почнал неселективно да пука во минувачите, при што шест лица се убиени, а 16 се повредени, од кои неколкумина се во тешка или критична состојба. Меѓу повредените се и двајца полициски службеници, како и самиот напаѓач.
Мотивот за нападот и натаму не е официјално познат, но полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кјервински изјави дека првичните наоди укажуваат оти осомничениот имал „многу радикални ставови“.
Поради трагедијата, полскиот претседател Карол Навроцки прогласи дводневна национална жалост, која се одбележува денеска и утре.
Една од загинатите е британска државјанка, објави полската новинска агенција ПАП, повикувајќи се на полициски портпарол. Според агенцијата, меѓу 16-те повредени има и петмина странски државјани – од Германија, Велика Британија, Португалија, Русија и Австрија.
Краков е популарна туристичка дестинација во Полска, а главниот плоштад и неговите ренесансни градби се меѓу најзначајните историски и културни знаменитости на градот.(МИА)

Македонски




