Skip to main content

Промоција на дванаесеттиот број на меѓународното научно списание „Ars Academica“

Факултетот за драмски уметности – Скопје и Факултетот за музичка уметност – Скопје го промовираат новиот, дванаесетти број на меѓународното научно списание за изведувачки уметности „Ars Academica“, кое веќе единаесет години претставува значајна академска платформа за научни истражувања и теориски промислувања од областа на театрологијата, музикологијата, драматологијата, филмологијата, танцовите и визуелните уметности. Списанието е основано по заедничка иницијатива на проф. д-р Ана Стојаноска и проф. д-р Соња Здравкова – Џепароска, со цел да се поттикне интердисциплинарниот пристап во истражувањето на изведувачките уметности и да се афирмира македонската научна мисла во поширок меѓународен контекст.

Дванаесеттиот број на „Ars Academica“ е посветен на современите трансформации на уметничкото творештво, со посебен фокус на мултимедиумските практики, дигиталните технологии и вештачката интелигенција. Преку различни теориски и истражувачки пристапи, трудовите ги преиспитуваат промените во уметничките форми, творечките методологии и разбирањето на авторството во современиот технолошки и културен контекст.

Во новото издание се застапени авторите Марија Апчевска Петровска, Мимоза Куршумлија, Ѓорче Ставрески, Никола Настоски, Милчо Узунов, Илија Циривири, Ангел Спироски и Биљана Тануровска – Ќулавковски. Трудовите се организирани во две тематски целини. Првата е посветена на мултимедиумските преплетувања и различните естетски и творечки постапки во филмската и театарската уметност, додека втората го истражува влијанието на новите технологии и вештачката интелигенција врз современите уметнички практики, отворајќи прашања за трансформацијата на творечките процеси, авторството и новите форми на уметнички труд.

Со својата интердисциплинарна концепција и двојазично издание на македонски и англиски јазик, „Ars Academica“ продолжува да поттикнува научен дијалог и критичко промислување на актуелните процеси во изведувачките уметности. Научните трудови објавени во списанието поминуваат низ рецензентска постапка од домашни и меѓународни експерти. Новина во дванаесеттиот број е и неговото печатено издание, покрај досегашната електронска форма.

Промоцијата на дванаесеттиот број ќе се одржи на 16 ноември 2026 година (понеделник) во 12:00 часот на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Настанот ќе биде можност да се одбележи единаесетгодишниот континуитет на списанието, како и соработката меѓу двата факултета во развивањето и афирмирањето на научноистражувачката дејност во областа на изведувачките уметности.
Списанието е достапно и во електронска форма, на следниот линк: https://fdu.ukim.edu.mk/wp-content/uploads/2026/11/%D0%90%D1%80%D1%81%D0%90%D0%BA%D0%B0%D0%B4%D0%B5%D0%BC%D0%B8%D0%BA%D0%B0-12-f-1.pdf