
Грчката полиција разби криминална организација и уапси десет лица осомничени за нелегално пренесување на над 500 мигранти во Грција, со што криумчарите оствариле противправна имотна корист од над 750.000 евра.
Во рамки на акцијата спроведена во Солун и областа Теспротија, уапсени се тројца странски државјани и седум грчки државјанки. Според полицијата, мрежата функционирала најмалку од јуни 2025 година и делувала и во и вон границите на Грција, расчистувајќи вкупно 41 случај на криумчарење.
Мигрантите, кои потекнувале од Непал, Јемен и Кина, во земјата влегувале пеш од Албанија преку тешко проодни планински премини. По влезот, тие биле сместувани во објекти или во импровизирани шатори во планините на Теспротија, каде плаќале високи цени за храна, вода и сим-картички, а потоа со меѓуградски автобуси биле пренесувани кон Атина, Патра или кон странство.
За време на прекуграничниот пренос, членовите на групата честопати им ги задржувале пасошите на мигрантите. При претрес на три куќи и еден угостителски објект, полицијата заплени три автомобили, парични средства и пасоши, а дополнително беа уапсени и 21 странски државјанин без регуларен престој.
Полициската операција беше спроведена во соработка со Европол, како дел од програмата EMPACT 2.2 EAST MED на Европската Унија за борба против организираниот криминал.

Македонски




