
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наскоро ќе донесе одлука дали САД ќе продолжат со воените напади врз Иран. По одржаниот состанок со советниците за национална безбедност, тој оцени дека Вашингтон ги постигнал своите основни цели, но не ја исклучи можноста за нови акти со цел да се спречи обновувањето на иранската нуклеарна програма.
Војната против Иран беше започната во февруари годинава од страна на САД и Израел, со цел да му се оневозможи на Техеран развојот на нуклеарно оружје. Во моментов Трамп ги разгледува опциите меѓу продолжување на воените операции, одржување на економскиот притисок и обид за постигнување дипломатски договор.
За време на обраќањето пред новинарите во Белата куќа во четвртокот, Трамп посочи дека би сакал да избегне дополнителни разурнувања, но нагласи дека воената опција останува на маса.
„Доколку е можно, би сакал да не го уништам остатокот од земјата, но можеби ќе морам. Наскоро ќе знаете“, рече Трамп.
Тој додаде дека САД веќе го постигнале она што го планирале во Иран, но во следниот период треба да донесат одлука за понатамошните чекори.
Според информациите на порталот „Аксиос“, Централната команда на САД (CENTCOM) ги финализира подготовките за евентуално продолжување на големите воени операции. Американски функционер за порталот изјави дека војската сè уште нема добиено нови наредби од Вашингтон и дека подготовките не значат дека конечната одлука е веќе донесена.

Македонски




