Skip to main content

Фестивал на музика од светот – Битола ќе се одржи од 25 до 30 ноември Центар за култура – Битола

Фестивал на музика од светот – Битола ќе се одржи од 25 до 30 ноември 2026 година во НУ Центар за култура – Битола.

Шест вечери исполнети со музика што поврзува култури, генерации и емоции. Од севдах и фламенко до балкански ритми и безвременски композиции , Битола повторно станува место за музички средби со светот.

Амира Медуњанин | 25.11
Глас што ја носи длабочината на севдахот и секоја песна ја претвора во интимна приказна. Вечер исполнета со топлина, искрена емоција и мелодии што остануваат со вас.

Јован Милошевски и CODE 369 | 26.11
Македонскиот гитарист и композитор кој ни доаѓа од Шпанија ја поврзува класичната гитара со балканските мелодии. Неговите аранжмани им даваат нова боја на традиционалните напеви, зачувувајќи ја нивната изворна емоција.

Битолскиот бенд носи современ авторски звук и силна сценска енергија. Со препознатлива рок основа, збогатена со фанк, џез и класични инструментални елементи, бендот создава звук што се движи меѓу алтернативниот рок и современата поп и рок музика. По гитарските приказни на Јован Милошевски, CODE 369 ќе ѝ дадат поинаков ритам на фестивалската вечер.

Сарсале | 27.11
Страста на фламенкото оживува преку музика, ритам и движење. Сарсале носат темпераментна вечер во која секој тон и секој чекор раскажуваат приказна.

Мартеница | 28.11
Групата од Турција ги спојува балканските мелодии и макамските мотиви со современ музички израз. Моќен вокал, хармоника, виолина и перкусии водат од нежни, меланхолични песни до разиграни танцови ритми.

Битолски дувачки оркестар и Драган Мијалковски | 29.11
Под раководство на Марјан Бакревски, оркестарот ќе ги обои безвременските македонски и странски композиции со богат дувачки звук. Концертот „Big Band Edition“ носи средба на оркестарската енергија со песните што поврзуваат генерации.
Ќе настапат заедно со Драган Мијалковски, еден од најпрепознатливите македонски гласови, со повеќе од пет децении музичка кариера. Заедно со Битолскиот дувачки оркестар ќе донесе вечер посветена на мелодиите што ги сакаме и паметиме.

Баклава и Трио Мандили | 30.11
Препознатлив музички израз во кој традицијата добива современ здив. Баклава создаваат топол и разигран свет од мелодии, ритми и приказни.

Трите девојки од Грузија ја освоија публиката со природноста, вокалните хармонии и љубовта кон традиционалната музика. Нивните изведби со милионски прегледи ја носат убавината на грузиските песни до слушатели низ целиот свет.