Skip to main content

Утре излегува „Што барам во оваа недојдија“, новиот роман од Игор Анѓелков во издание на „Или-Или“

Утре, на 5 ноември, од печат излегува новиот роман „Што барам во оваа недојдија“ на Игор Анѓелков, како 252 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“.

Како што вообичаено во изминативе неколку години во овој период од годината Анѓелков на читателите им приредува нови книжевни задоволства, така и овој ноември тој го објавува својот шести роман со кој навлегува на нова територија, која ќе биде изненадување за многумина кои досега го следеа и сакаа неговиот ракопис. Прашално поднасловен „што е тоа што ми влезе под кожата“, делото го провоцира читателот, додека е нурнат внатре, во неговата структура и приказна, да се почувствува како да држи искршено стакло во рацете, кое остава крвави траги што нема да го остават на мира. Со денови.

За книгата, филозофот Влатко Деловски напиша:

Постојат патувања што започнуваат многу пред да тргнат. Нивната вистинска почетна точка не е некој топоним, туку нешто што одамна се населило во нас, чекајќи го моментот повторно да се појави. Понекогаш е доволен еден глас, една случајна средба или нечие име испишано на заборавен споменик за да се наруши привидната непрекинатост на секојдневието. Тогаш откриваме дека времето не ги однело сите нешта што сме мислеле дека сме ги оставиле зад себе. Некои од нив воопшто не заминале. Само ние сме престанале да ги забележуваме. Романот „што барам во оваа недојдија“ на Игор Анѓелков е книжевно патување низ таквите простори на човечкото постоење“.

Авторот на сликата на корицата, пак, уметникот Никола Пијанманов нагласува:

Отсекогаш сум го сметал светот во кој живеам за предградие. Како обид за град, како привремено живеалиште, како место кое требало да се развие во убава населба, а станало половина урбана, половина чудна, неуредна средина. Како некакво поле на кое не растат цвеќиња, туку целото е затрупано со некакви материјали за градба. Сликата за најновиот роман на Игор Анѓелков се создаде токму од тоа чувство за простор во кој лутаат ликовите на моето сликарство, но и простор кој го видов во неговиот ракопис. Предградието кое го чувствувам во најновата книга на Игор е пред сè предградие на животот“.

Поврзани вести