
Во очекување на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во однос на евроинтегративниот процес, би било добро да се кажат два три збора однапред како превенција на онаа политичка возбуда што секоја година ја имаме во овој период. Независно од неговата содржина, било таа позитивна за едните или негативна за другите, секоја година сме сведоци на неизбежна сензибилизација на јавноста со цел да се освои по некој дневнополитички поен.
Извештајот на Европската комисија не е ниту потврда за успешноста на една политичка гарнитура, ниту пресуда за неуспешноста на друга. Тој е пресек на состојбите во државата и како таков треба да се анализира, без негово претворање во алатка за дневнополитичка пресметка.
Едноставно кажано, Извештајот ќе биде бирократски и административен документ, со стандардната copy-paste технологија на неговата подготовка. Незаобиколни ќе бидат и редовните годишни дополнувања, кои од една страна ја критикуваат земјата, а од друга ја фалат за да не ни го убијат целосно моралот после повеќе од дваесет години кандидатски статус.
Она што е извесно е дека во државава ќе имаме фестивал од меѓусебни политички обвинувања за постигнатото и непостигнатото кое што како секое чудо и секој Извештај на Европската комисија ќе заврши за три дена. Сметаме дека е значајно ова да се каже однапред заради пресретнување на непотребната возбуда во јавноста што се создава од критиките и стапот што ЕУ постојано ни го удира, но и поради морковот којшто постојано ни го нуди.
Безусловните поддржувачи на ЕУ ќе велат дека не сме постигнале доволно и тоа е причината поради која сѐ уште не сме го започнале преговарачкиот процес иако самите до пред шест-седум години велеа дека сме започнале преговори. Ќе критикуваат зошто не сме ги спровеле уставните измени кои самите ги прифатија како обврска.
Оние другите, коишто рационално пристапуваат кон процесот на македонските евроинтеграции, ќе се обидат да ја држат топката на земја и трезвено да ги ценат наодите што ја креираат сликата за Македонија во очите на Брисел. Ќе ги толкуваат критиките, ќе бараат решенија за посочените слабости, но во исто време во преден план ќе ги стават македонските интереси кои што треба да бидат реализирани со остварувањето на стратешката цел, полноправното членство во Европската Унија.
Факт е дека преговарачкиот процес и полноправното членство ќе донесат сериозен бенефит за државата. Преговарачкиот процес и побрзото приближување кон ЕУ може да донесе поголеми можности за користење на европските финансиски инструменти, инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, земјоделството и образованието. Уште во фазата на преговори, а особено со полноправното членство, Македонија ќе добие пристап до значително поголеми финансиски средства преку кохезионите и структурните фондови на ЕУ. Овие пари се наменети за изградба на патишта, железници, училишта, болници и за развој на руралните средини.
Напредокот во процесот може да придонесе за зголемување на довербата на странските инвеститори, подобрување на деловната клима и отворање нови економски можности. Македонските компании ќе станат дел од Единствениот пазар на ЕУ, каде што нема царини, бариери и административни пречки. Ова овозможува слободен извоз на домашните производи и услуги на еден од најбогатите пазари во светот.
Преговорите со ЕУ не се само формален дипломатски процес. Дополнителен позитивен аргумент е тоа што тие претставуваат механизам за реформирање на правосудството, јавната администрација, борбата против корупцијата, економијата и институциите. Преку отворањето на поглавјата за „Фундаментални вредности“, Македонија ќе подлежи на строг мониторинг од Брисел. Ова ќе придонесе за независно судство, поефикасна борба против криминалот и високата корупција, како и градење на силни и транспарентни институции во служба на граѓаните.
Теоретски, сето тоа изгледа добро. Но, какви се македонската пракса и искуство од досегашниот евроинтегративен процес и кон каква европска реалност би се движеле доколку ставиме сѐ на една карта?
Европската унија што ја гледаме денес не е истата ЕУ од деведесеттите години од минатиот век. Европа денес е политички нестабилен континент со политички нестабилни земји членки, и тоа оние најстарите и најголемите. ЕУ се соочува со сериозни предизвици, безбедносни закани, војната во Украина, миграциски притисоци, економска конкуренција од Кина, политичка поларизација и различни ставови на земјите членки за иднината на Унијата.
Протести има насекаде. Тоа не се мирни собири на кои се изразува незадоволство туку насилни демонстрации на кои гледаме гнев и насилство. Можните промени на владите во Германија, Франција и другите влијателни европски држави можат да влијаат врз политиката на проширување. Веќе јасно се гледаат првите сигнали за промената на расположението кај европските граѓани предизвикано од политиките на актуелната политичка елита.
Тоа за нас како држава е важно, бидејќи мора да сме свесни дека нема да важат политичките ветувања и приоритети на денешните европски лидери. Какви било гаранции добиени во моментов од нив, се дискутабилни. Прашање е дали ќе бидат на сила и после неколку години доколку дојде до промена на политичкиот амбиент во најголемите членки на ЕУ.
Во исто време, Европската унија се соочува и со прашања за сопственото институционално реформирање, буџетот и начинот на функционирање со поголем број членки. Тоа е макотрпен процес кој треба да ги артикулира интересите на сите земји членки. Оттука, аргументот дека Македонија не треба да презема тешки и политички чувствителни одлуки само врз основа на очекувањето дека членството е блиску, во време кога самата Унија сè уште нема целосно дефинирана динамика на идното проширување, е сосема реален и кредибилен.
Од тие причини, уставните измени коишто ни стојат како прифатена обврска од претходната власт се главната кочница на македонскиот евроинтегративен процес. Тие се кочница од моментот на нивното прифаќање до денес. Извештајот веројатно ќе ја содржи ваквата обврска изразена во поексплицитна или помалку експлицитна форма која ќе потврди онаа очекувана copy-paste навика на европските бирократи.
Мора да бидеме свесни дека европската интеграција не е цел самата за себе, туку средство за обезбедување подобар животен стандард, економски развој и институционална стабилност на државата. Македонскиот национален идентитет, јазик и историски континуитет не се политички променливи категории, ниту прашања за кои една генерација политичари треба постојано да бара потврда. Европската перспектива треба да биде можност за напредок и просперитет на македонските граѓани, а не процес во кој европската иднина ќе се доживува како постојано преиспитување на сопствениот национален идентитет.
Иницијативата којашто беше покрената од македонската Влада за поголемо инволвирање и посредување на ЕУ во билатералните разговори меѓу Македонија и Бугарија наиде само на формална поддршка со елегантно префрлање на топката во Софија. Од друга страна, секоја иницијатива за дијалог со Софија оттаму се префрла во Брисел со изговор дека обврските од Преговарачката рамка се прашања меѓу Брисел и Скопје.
Ваквиот пинг-понг дијалог на релација Скопје-Брисел-Софија ни дава за право да го очекуваме Извештајот на ЕК со голема доза на реалност. Веќе не постои простор само за ентузијазам кој на крајот останува без покритие. Македонија во овие дваесет и повеќе години се соочи со бројни обврски, бенџмаркови, патокази и акциски планови. Се соочи со критики и пофалби. Во однос на прашањето за почеток на преговорите добивавме и стап по грбот, но и морков пред носот.
За жал, морковот никогаш не го вкусивме!

Македонски




