Skip to main content

Јапонскиот ден на култура со деветнаесетото издание на Недела на јапонски филм и работилници за оригами и чај

Амбасадата на Јапонија, Кинотеката и Центарот за култура во Битола ќе го одбележат Денот на културата на Јапонија (кој секоја година се слави на 3 ноември) со 19-тото издание на Неделата на јапонски филм и работилница за оригами.

На 4 ноември во 19:00 часот во Кинотеката во Скопје, амбасадорот Кавахара ќе го отвори 19-тото издание на Неделата на јапонски филм, кое ќе понуди разновиден избор на современи јапонски филмови. Два од филмовите ќе бидат прикажани на 11 ноември во Центарот за култура во Битола. На истото место, Амбасадата ќе организира и работилница за оригами што ќе ја води г. Јошио Којама, предавач по јапонски јазик.

Одбележувањето на Денот на културата ќе продолжи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На 13 ноември, Јапонската фондација од Будимпешта ќе организира предавање и работилница за сенча (јапонски чај), кои ќе ги води г-ѓа Курита Јунко, специјалист за јапонски чај.

3 ноември е Ден на културата (Bunka no Hi), национален празник што секоја година се одбележува во чест на слободата и мирот, како и за промовирање на културата, уметноста и науката. На Денот на културата, многу музеи во Јапонија се отворени за посетители и нудат бесплатен влез. Во периодот околу овој датум се организираат бројни фестивали за промоција на уметноста и културата, а различни јавни и приватни организации низ целата земја доделуваат награди од повеќе области.

Во Империјалната палата во Токио се одржува свечената церемонија за доделување на Орденот за култура. Царот лично им ги врачува признанијата на поединци кои дале исклучителен придонес во областа на науката, уметноста или културата.

Учеството на сите настани е бесплатно.

За работилницата за оригами во Центарот за култура Битола е потребна претходна резервација.