Skip to main content
wdPD6SE4IQI

Почина Мишо Ковач, еден од најголемите хрватски пејачи

Принтскрин од видео

Почина Мате Мишо Ковач – легенда на Шибеник, „Хајдук“ и Далмација, човек кој продаде над 20 милиони носачи на звук во текот на кариерата долга речиси половина век. Веста за неговата смрт за порталот „Индекс“ ја потврдија извори блиски до пејачот.

Според информациите, Мишо починал околу 15:30 часот во својот дом во Сплит. Пред смртта, тој изразил желба да биде погребан во Загреб.

Роден е на 16 јули 1941 година во Шибеник, за време на италијанската окупација. Израснал на улица од која потекнуваат уште две големи музички имиња: Вице Вуков и Арсен Дедиќ. Децении подоцна, тој снимил дует со Дедиќ, насловен „Ние сме лисја од иста гранка“ („Mi smo lišće s iste grane“).

Одлучил да се занимава со пеење на шеснаесетгодишна возраст, откако го слушнал настапот на пејачот Љубо Лучев, исто така родум од Шибеник. Завршил средно индустриско училиште, насока тапетар, а во 1961 година, заедно со Мирко Вукшиќ, го поделил првото место на натпреварот „Првиот глас на Шибеник“. Како награда, одбрал сингл на Елвис Присли – уметник кој подоцна ќе има пресудно влијание врз неговата кариера.

Се женел трипати: со Љубица Комадина; со Анита Батурина, поранешна Мис Југославија, со која имал две деца, Еди и Ивана; и со Лидија Пинтариќ, со која останал до крајот на својот живот.

По победата на Сплитскиот фестивал во 1971 година со песната „Proplakat će zora“, тој стана најпопуларниот пејач во Југославија. Истата година, за влакно преживеа сообраќајна несреќа во близина на Задар; ги пушти мустаќите, кои подоцна станаа негов заштитен знак, за да ја скрие лузната над горната усна.

Следуваа две децении на најголеми успеси, одбележани со хитови како „Drugi joj raspliće kosu, a ja je volim“, „Ostala si uvijek ista“, „Ako me ostaviš“, „Sutra mi sude“, „Odavno više ne plačem zbog tebe“ и „Ti si pjesma moje duše“. Пет пати беше прогласуван за пејач на годината, а во 1989 година беше прогласен за личност на годината во Југославија. Исто така, се појавуваше и во филмови – меѓу кои се издвојува остварувањето „Poslijepodne jednog fazana“ од 1972 година, во кое играше заедно со Раде Шербеџија.

Поврзани вести