Skip to main content

Изложба „Линии и бои (интроспекции)“ на Христо Петрески во МКЦ

Во вторник, на 4 февуари, во 20 часот во Галерика 2 во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде отворена самостојната изложба „Линии и бои (интроспекции)” на писателот Христо Петрески, кој активно се занимава и со сликарство и со ликовна критика.

По свеченото отворање на изложбата, ќе настапат поголем број македонски писатели кои ќе читаат своја родољубива поезија.

Инаку, проф. д-р Христо Петрески досега има излагано свои ликовни дела на повеќе од 20 самостојни ликовни изложби (во Скопје, Радовиш, Битола, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Штип, Куманово, Прилеп, Охрид, Струга, Демир Хисар, Аранѓеловац, Шибеник…) и има учествувано на три меѓународни ликовни колонии (во Битола, Пелинце и Врањска Бања).

Основач е на традиционалната Мултимедијална колонија во Битола, како и на Галеријата на познатите во Скопје. Автор е на книгата „Ликовната уметност е она што (не) се гледа”.

Меѓународното списание „Диоген про култура” посвети цел тематски број за ликовното творештво од Петрески.

Сликарот се изразува преку линии, форми и бои, а писателот преку зборови, симболи и метафори. Но, уметноста нема граници и бариери, односно тие се тенки и речиси непостоечки и невидливи, па идеите, емоциите и пораките се прелеваат, зрачат и значат. Оваа изложба, всушност, е уште една авторска интроспекција, еден оттргнат дел од мозаикот, парче душа, троа материјализиран облик и изблик, дел и фрагмент од просторот и времето…

Изложбата ќе трае до 14. февруари
… … …

Поврзани вести