
Владата нема да се откаже од планираната реформа за обединување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање, но процесот ќе биде транспарентен, со јавна дебата и засилен парламентарен надзор, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Митко Трајчулески од СДСМ, Мицкоски истакна дека обединувањето на двете служби е дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и дека реформата се подготвува во координација со надлежните институции и стратешките партнери на државата.
Премиерот нагласи дека за реформата ќе се води јавна дебата, а парламентарниот надзор ќе има клучна улога во контролата на работата на идната обединета агенција. Според него, целта е да се обезбедат информации неопходни за заштита на суверенитетот и демократскиот капацитет на државата, без можност за злоупотреби.
Точно е дека оваа Влада планира да направи реформа во начинот на кој што функционираат службите. Прво затоа што кога бевме во опозиција бевме жртви на тие служби и за тоа има судски процеси, ќе видиме како ќе завршат. Не се тие се уште во фаза во која што можеме да коментираме. Ќе видиме како сето тоа ќе заврши. И тоа нема да биде доколку почне процес кој што ќе биде скриен, напротив, ќе биде транспарентен процес кој што ќе има јавна дебата онолку колку што е потребно, за да искатализираме решение кое што ќе обезбеди транспарентност, односно контрола од овде од Парламентот кој што ќе ја контролира работата на таа една единствена обединета агенција и она кое што е најважно, кое што ќе обезбеди добивање информации со цел заштита на суверенитетот и демократскиот капацитет на државата, да не биде злоупотребена – појасни Мицкоски.
Премиерот ги отфрли стравувањата дека ваквата реформа би можела да доведе до нови случаи на незаконско прислушување, посочувајќи дека денес постојат поинакви механизми и институции од времето кога се случувале злоупотребите.
Тоа е невозможно затоа што имаме една друга институција која што се вика Оперативна техничка агенција. Така што и да некој едноставно ако зборуваме за нешто кое што е спротивно на законот, тоа е веќе злоупотреба и за тоа си има друг тип на механизми и одговорност пред законот. Но во услови на кривично дело за кои што се потребни посебни истражни мерки, имаме неколку процеси за кои што сега јас не би зборувал јавно, не сакам да го загрозувам процесот и на тој начин да ја правам ранлива државната безбедност. Но, како политичка партија излеговме на избори со програма и еден од проектите во таа програма е токму тоа обединување на агенциите по теркот на Соединетите Американски Држави, Хрватска и бројни примери коишто ги има во Европа и меѓу нашите партнери во во рамките на НАТО – истакна Мицкоски.
Пратеникот Трајчулески претходно побара Владата да се откаже од спојувањето на АНБ и Агенцијата за разузнавање, оценувајќи дека таквиот потег може да доведе до прекумерна концентрација на безбедносна моќ, потсетувајќи на минатите злоупотреби на безбедносните служби во државата.
Ова прашање го поставувам со длабока загриженост затоа што Македонија не смее да си дозволи уште едно искуство во кое службите ќе станат инструмент на владејачката партија, а граѓаните ќе станат предмет на следење, притисок и заплашување. Нашата држава веќе ја плати цената на злоупотреба на безбедносниот апарат и тоа два пати во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Скандалот со незаконското прислушување покажа колку се опасни службите кога надзорот потфрла, а политичката моќ останува без ефективни ограничувања – рече Трајчулески.

Македонски

