Skip to main content

Еуродрам ја отвори Генералната асемблеја во Скопје со промоција на капитално издание посветено на современата македонска драматругија

Еуродрам

Генералната асемблеја на европската мрежа за превод на драмски текстови „Еуродрам“ започна во Скопје со промоција на капитално издание посветено на современата македонска драматургија. Во рамки на настанот, што трае до 1 ноември на сцената на Театар Комедија и во Европска куќа, претставен е каталогот од Иван Додовски што опфаќа 30 драми од 18 домашни автори. Собирот донесе над шеесет театарски професионалци од 28 држави, ставајќи го домашниот театарски јазик во директна врска со европските сцени.

Новото издание „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001-2026“ на Иван Додовски излезе од печат под закрила на Театар Комедија и со поддршка од Министерството за култура и туризам. Публикацијата содржи хронолошки преглед на 32 избори со 30 драми од 18 македонски автори, дополнет со детални претставувања на 26 драми и биографии на 15 автори.

На промоцијата драматургот Дарко Јан Спасов посочи дека изданието на англиски јазик содржи податоци за праизведби, преводи и авторски права, што го прави практична алатка за режисери, преведувачи и издавачи низ светот. Кон ова се придружува и библиографијата подготвена од Шенај Мандак, насочена кон драмските текстови што веќе се преведени на странски јазици.

Платформата настаната во Париз во 2001 година денес прерасна во заеднички простор што ги поврзува Европа, Централна Азија и Медитеранот. Претседателот на мрежата Иван Додовски објасни дека принципот на работа се заснова на меѓусебно читање, селекција и препорака на драми со цел тие да добијат превод и сцена. По повод 25-годишниот јубилеј, на основачот Доминик Долмие му беше врачена плакета за неговиот придонес кон развојот на драмскиот превод.

Долмие потсети на соработките со автори како Омер Калеши и Јордан Плевнеш, но упати и гласна поддршка за Светлана Петричук и Жења Беркович, театарските уметнички затворени во Русија, како и сочувство за сите што трпат последици од воените дејствија во Украина и Газа.

Во Европска куќа – Скопје се одржа стручна работилница посветена на занаетот на драмскиот превод, водена од менторите Александер Зицман, Катерина Шекутковска и Фроса Пејоска-Бушро. Фокусот беше ставен врз конкретните македонски искуства на германскиот и францускиот јазичен пазар, како и врз техничките предизвици при изработката на преводни титлови за изведби во живо. Признанија за соработката добија Христина Стефановска од Гете-институт и Сузан Веселји Зука од ДААД.

Асемблејата продолжува со панел-дискусијата „Драми преку границите: криза, отпорност и зајакнување“ поддржана од Канцеларијата на „Креативна Европа“, како и со јавни сценски читања со кои модерира Катерина Коцевска.

Поврзани вести