Skip to main content

Германија е во длабока економска криза, предупредуваат индустријалците

Германија е во длабока економска криза, објави здружението на индустријалците BDI, проценувајќи дека активноста во најголемата економија во еврозоната благо ќе се намали и во 2025 година.

Доколку се оствари прогнозата на BDI за пад на активноста од 0,1 отсто во новата година, тоа би значело дека бруто домашниот производ (БДП) ќе опаѓа три последователни години првпат од обединувањето на Германија.

И додека германската економија бележи пад на активноста, еврозоната се очекува да порасне за 1,1 отсто, а глобалната за 3,2 отсто, покажуваат проценките на германското здружение. Тоа значи дека Германија би го задржала своето место меѓу членките на еврозоната со слаби економски перформанси.

Ситуацијата е многу сериозна, особено во индустријата која претрпе структурен колапс, рече во Берлин претседателот на BDI, Петер Лајбингер.

Според него, економската криза не е само последица на пандемијата и руската инвазија во Украина.

Проблемите се од домашна природа и се резултат на структурните слабости од 2018 година кои владите не успеаја да ги решат, посочи Лајбингер. Итно се потребни јавни инвестиции во модерна инфраструктура, трансформација и отпорност на нашата економија, посочи Лајбингер.

Според него, на германската економија ѝ се потребни и пониски цени на енергијата, полесни регулативи и јасна стратегија која ќе ги зајакне иновациите и истражувањето. За Германија е важно повторно да покаже самодоверба и повторно да игра водечка улога во ЕУ, а Европа треба да биде стратешки помалку зависна, нагласува Лајбингер.

Поврзани вести