
Во галеријата Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 18 часот ќе биде отворена изложбата „Морфогенези“ на Исмет Јонузи. Куратор е д-р Ана Франговска, кустос-советник во Националната галерија. Според неа „Морфогенези“ го истражува визуелниот јазик на Јонузи низ различни процеси на обликување, од органска фигурација и фрагментирано тело, преку цртеж, сликарски истражувања и индустриски асемблажи, до геометриски конструкции и просторни инсталации.
– Наместо да воспоставува хронолошка развојна линија од фигурација кон апстракција, изложбата ги разгледува овие различни изразни модалитети како меѓусебно поврзани истражувања на материјата, формата и нивните структурни и значенски односи – вели таа.
Во фигуративниот регистар на Јонузи, човечкото тело ретко се појавува како стабилна и хармонична целина. Главите, черепите, анатомските фрагменти и композициите инспирирани од митолошкиот Лаокоон ја проблематизираат телесната целовитост преку деформација, компресија и физичка напнатост. Телото станува простор во кој се судираат органската виталност и надворешните сили, додека неговата материјална артикулација ги надминува границите на непосредната анатомска препознатливост.
– Паралелно со ова, употребата на индустриски остатоци, механички елементи и делови од оружје отвора прашања за меморијата на материјалот. Предметите, иако издвоени од нивната првобитна функција, продолжуваат да носат траги од претходната употреба и историските конотации. Нивното вклучување во нови композиции не ги поништува овие значења, туку ги прераспределува во поинакви визуелни и просторни односи – вели Франговска.
Цртежите и сликите претставуваат автономно поле на истражување, во кое линијата, гестот, фактурата и материјалноста на површината воспоставуваат сопствена пластичка логика. Во циклусите „Доказ“ и „Трансформација“, употребата на катран, битумен и други неконвенционални материјали ја поместува сликата од репрезентацијата кон непосредното материјално присуство. Во поновите геометриски конструкции, интересот се насочува кон структурните односи, ритамот, повторувањето и активното учество на просторот.

Македонски

