
Свеченото отворање на Генералната асемблеја на „Еуродрам“, која од 27 октомври до 1 ноември се одржува во Скопје, го потврди извонредното значење на целиот настан за нашата држава и за театарската уметност, воопшто. Церемонијата се одржа на 28 октомври на големата сцена во Театар Комедија.
На почетокот, присутните ги поздрави Едмонд Сотир, директор на Театар Комедија, кој пред шеесетина гости од 28 држави, како и пред редовната публика на театарот, го изрази задоволството што токму Театар Комедија ја има честа да биде домаќин на меѓународен настан со големо значење и високо реноме.
Драматургот Дарко Јан Спасов го претстави новото издание „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001–2026“ од Иван Додовски, објавено од Театар Комедија со поддршка на Министерството за култура и туризам. Каталогот содржи хронолошки преглед на 32 избори, со 30 различни драми од 18 македонски автори, како и посебен дел со биографии на 15 автори и подетални претставувања на 26 драми. Изданието на англиски јазик вклучува содржини и информации за премиери, преводи и авторски права. Некои од авторите застапени во каталогот беа присутни на неговата промоција во Театар Комедија.
– Каталогот содржи податоци за различни генерации автори, различни театарски јазици и различен начин на толкување на современиот свет – истакна Дарко Јан Спасов, додавајќи дека каталогот е наменет за преведувачи, режисери, издавачи, истражувачи и сите заинтересирани за македонското драмско творештво и неговото меѓународно претставување.
На отворањето беше посочено и изданието „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“, подготвено од Шенај Мандак.
По претставувањето на публикациите се обрати Иван Додовски, претседател на „Еуродрам“, кој посочи дека од основањето во Париз во 2001 година „Еуродрам“ прерасна во платформа која се протега низ Европа, Централна Азија и Медитеранот и денес спојува над 300 театарски професионалци од 34 јазични подрачја.
– Нашиот принцип е едноставен: меѓусебно ги читаме драмските текстови, даваме препорака за превод и им даваме поддршка да оживеат како печатено издание или со изведба на театарската сцена – истакна Додовски.
Во име на меѓународната мрежа „Еуродрам“, Додовски му врачи плакета на основачот Доминик Долмие, во знак на благодарност за неговата визија и за 25 години посветена работа во областа на драмскиот превод и театарската уметност.
Видно возбуден од укажаната чест, Доминик Долмие упати низа благодарности до личности со кои се познава и со кои соработувал, како Омер Калеши, Јордан Плевнеш, Иван Додовски, а искажа и солидарност со Светлана Петричук и Жења Беркович, театарски уметнички што страдаат во некој руски затвор, како и со сите што страдаат по боиштата од Украина до Газа.
Во театарската програма истата вечер беше изведена претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска и Александар Ивановски, продукција на Театар Комедија.
Претходно, во текот на денот во Европска куќа – Скопје се одржа работилницата „Занаетот на драмскиот превод“, наменета за избрани учесници. Ментори беа преведувачите Александер Зицман од Виена, Катерина Шекутковска од Скопје и Фроса Пејоска-Бушро од Париз, а модератори беа Дарко Јан Спасов и Иван Додовски од Македонскиот комитет на „Еуродрам“. Пред почетокот на работилницата на „Еуродрам“ за поддршката им беа врачени благодарници на Христина Стефановска од Гете институт – Скопје и Сузан Веселји Зука од ДААД – Германската служба за академска размена – Скопје.
Во своите воведни говори на работилницата Фроса Пејоска-Бушро направи синтеза на македонски драмски текстови кои досега се преведени на француски јазик, Катерина Шекутковска зборуваше за искуствата што ги стекнала на преведувачка работилница на театарски фестивал во Милхајм, додека Александер Зицман направи преглед на македонски драми што се преведени на германски јазик, а зборуваше и за спецификите на правењето титлови со превод за театарските претстави.
Програмата на „Еуродрам“ за 29 октомври предвидува одржување на панел-дискусијата „Драми преку границите: криза, отпорност и зајакнување“, организирана во партнерство со Канцеларијата на „Креативна Европа“ во Скопје, како и сценско читање на текстови во избор на „Еуродрам“, со модераторката Катерина Коцевска.
Седмицата на „Еуродрам“ и Генералната асемблеја се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија, Гете-институт – Скопје, ДААД – Германската служба за академска размена – Скопје, Канцеларијата на „Креативна Европа МК“ и Европска куќа – Скопје, како и со придонесот на спонзорите и партнерите. Домаќини на асемблејата се Театар Комедија и Македонскиот комитет на „Еуродрам“.

Македонски

