Skip to main content

Во сабота во Кинотека проекција на „Џган“ од Вардан Тозија: Десет години од приказната што силно одекнува

Во сабота, на 24 октомври, со почеток во 20:00 часот, Кинотеката на Македонија ве поканува на проекција на „Џган“, македонскиот игран филм на режисерот и сценарист Вардан Тозија, создаден во 2016 година. По повод десетгодишнината од неговата светска премиера, повторно се навраќаме на едно од највпечатливите остварувања на современата македонска кинематографија.

Приказната го следи Филип, тивко и повлечено момче кое живее во дом за деца без родители. По низа сурови настани и неправди, неговиот внатрешен свет почнува да се менува, а насобраните болка и гнев постепено прераснуваат во желба за одмазда. Во свет во кој младите се оставени на маргините, а правдата често е недостижна, филмот отвора тешки прашања за насилството, општествената одговорност и последиците од рамнодушноста. „Никој не е роден насилен“ е пораката што ја надополнува оваа моќна приказна.

Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски, а во филмот настапуваат и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Горан Стојановски и други актери. „Џган“ имаше светска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго во 2016 година, а освои и значајни меѓународни признанија: награда ФИПРЕСЦИ на PriFest во Приштина, награда за најдобар игран филм на фестивалот во Кицбил и специјална награда за актерската изведба на Мартин Ѓоргоски во Брауншвајг.

Поврзани вести