
Твојот универзум ништо не им значи. Нема ни да се обидат да го разберат. Ќе бидат уморни, ќе им биде студено, и ќе ја запалат твојата прекрасна дабова порта за да се згреат.
Овој цитат од книгата Кампот на Светците на Жан Распаил деновиве ја прогонува Франција. Се работи за една од двете многу цитирани книги (заедно со Потчинување на Мишел Уелебек) кои сопствениците на преживеаните книжарници во Париз деновиве ги преместуваат од рафтот „белетристика“ во одделот на историски дела. Двете книги, на свој начин, ја прикажуваат исламизацијата на Франција – и притоа двете се покажаа како неверојатно прецизни, како во главната тема, така и во одредени детали.
Уелебек, на пример, прикажува пасивна исламизација на државата водена од политички опортунисти. Неговата книга (објавена во 2015 година) предвидува дека во Франција наскоро ќе се создаде коалиција на левите и исламистичките партии, со цел да се спречи изборна победа на десницата на Ле Пен, при што, како што може лесно да се предвиди, муслиманите бргу стануваат доминантниот фактор во коалицијата и ја преземаат власта. Освен главната тема, Уелебек погодува и некои ситни детали – на пример, во книгата, тој го опишува изборот на измислениот лик Мухамед Бен Абес за претседател на Франција (Бен Абес ја победува Марин Ле Пен на изборите). Следува бран на преземања на јавните институции, а опортунистички јавни службеници и професори ја менуваат верата од секуларна левица во Ислам, за да напредуваат во службата. Притоа, за да ги смири Французите, како свој премиер Бен Абес го поставува популистичкиот француски политичар Франсоа Бајро. Како да сакаше да покаже дека ја читал книгата на Уелебек, и се раководи од неа, во 2024 година претседателот Емануел Макрон навистина го постави Бајро за премиер – секако, откако претходно полутајно коалицираше со исламистичките партии за да ја спречи победата на Ле Пен на парламентарните избори. По некоја случајност се случи да ја читам книгата точно во деновите кога Макрон се реши на овој чекор.
Сепак, претставата на Уелебек на исламизацијата на Франција е прилично салонска и мирољубива во споредба со Кампот на Светците на Распаил. Во оваа книга, падот на Франција не се одвива по политички пат, туку со драматичен бран на миграција од Индија, Африка и Кина кон Европа, при што европските држави едноставно колабираат. Во цитатот за дабовата врата наведен погоре, Распаил го претставува размислувањето на мигрантските толпи – на кои нема да им свети традициите, обичаите, а најмалку старите градби на Европа.
Неговата книга е од 1970ите години, но деновиве силно одекна во француската јавност, додека граѓаните занемени гледаа како се урива кулата на градската куќа во Лимож. Жителите на овој древен римски град, подоцна индустриски центар (познат по својот порцелан) изградиле ремек дело од градска куќа во 19иот век, украсена со знаменита кула – камбанарија и со статуи кои ги претставувале занаетчиските и индустриските вештини на градот, а одвнатре живописана со бројни христијански и алегориски ремек-дела. Но, дојдоа мигрантите и домашните левичари, уморни и премрзнати, и ја изгореа куќата.
Деновиве во Франција многу се коментира дали демонстрантите кои беснеат низ Париз, Ница, Марсеј и други градови во државата се претежно мигранти (од Африка или арапските земји) или пак се автохтони француски левичарски студенти – имајќи предвид дека Франција има долга традиција на вакви безредија и пред да се изврши демографската трансформација на нејзините градови согласно книгите на Распаил и Уелебек (третата теорија што ја слушаме е дека демонстрантите не постојат, туку се измислица на Русија, Илон Маск и Трамп и се креирани со помош на вештачката интелигенција – како што обвини претседателот во заминување Макрон кога конечно се осмели да и се обрати на јавноста). Од една страна, не е потребно да се расправаме околу ова прашање – јасно е дека во толпата има и од странските и од домашните примеси. Поважното прашање е – зошто овие групи се здружија? Што најдоа заедничко меѓу себе, за да решат дека за нив е легитимна политичка опција да се здружат против државата?
Старите медиуми не пропуштаат да кажат дека партијата на Марин Ле Пен е „крајна десница“ – иако жената има прилично леви ставови во поглед на економијата, во текот на изборната кампања инсистираше дека во Франција има место за Исламот (но не и за радикалниот Ислам), и општо земено има ставови како типичен центристички политичар од пред 10-15 години, пред левите партии целосно да полудат. Што е толку радикално да бараш да се контролира границата и миграцијата да зависи од способноста на нацијата да ги интегрира дојденците? Но, Франција еден има навистина радикален кандидат за претседател – неговото име е Жан Лук Меленшон. Човекот е претставник на овој сојуз на крајната левица со исламистичките и мигрантските движења, и според анкетите има добри шанси да влезе во вториот круг од претседателските избори следната пролет, каде би се соочил со Ле Пен. Меленшон во текот на изборната кампања која е во тек сака да зборува за неговата визија за „креолизација“ на Франција – за создавање на нова нација со планско мешање на белата, црната, кафеавата и кој знае која се друга раса, додека не се добие некаква нова Франција. Старите медиуми ја обвинуваат „крајната десница“ дека ширела „теории на заговор“ дека на Франција и другите западно-европски нации им се случува „големата замена на населението“. Епа второпласираниот политичар во државата предводи коалиција која отворено ја промовира оваа „теорија на заговор“ – и која секојдневно ја гледаме отелотворена на улиците на Париз.
Црвено-зелено-црната коалција која пали и крши низ Франција не е изолирана во пристојната јавност – напротив. На парламентарните избори во 2024 година, Макрон виде дека неговата „либерална“ партија ќе загуби, и дека Ле Пен ќе има мнозинство, па затоа се одлучи на коалиција со Меленшон. И така, во Германија е скандал да се предложи владејачката „конзервативна“ партија ЦДУ која спадна на 10 проценти во анкетите, да коалицира со „крајно десничарската“ партија АфД (која е на 30 проценти). Но не е скандал претседателот на Франција да коалицира со партија која се залага за планска, контролирана расна „креолизација“ на француската нација и горење на споменици на уметноста. Макрон тактички договори изборна координација со партијата на Меленшон, па така, иако кандидатите на Ле Пен беа проектирани да победат во меѓу 230 и 280 изборни единици, на крајот добија само 142 пратеници, а Макрон ја направи исламо-комунистичката партија на Меленшон да биде најголема во француското Собрание. Ова само ги натера Французите кои се решени да не бидат креолизирани да ги напуштат „центристичките“ партии на Макрон, на старата левица и десница, и да се обединат зад Ле Пен, на која и се предвидува голема изборна победа за неколку месеци (секако, доколку властите и нивните вандалски миленичиња не смислат некоја нова финта да се изигра волјата на гласачите).
Француските избори во 2024 година наликуваа на македонските избори во 2016 година, кога одреден процент гласачи во албанските средини, формална коалиција или некаква најава, одеднаш решија да гласаат за СДСМ. Така и Македонија доби Макрон – Меленшон коалиција меѓу Заев и Ахмети. На ниво на улица, и кај нас за време на насилните протести на шарената револуција се здружија анационалната, бездетна, пострелигиозна младина од урбаните средини (читај – Скопје) и муслиманското малцинство. На хартија, овие две групи следат крајно спротиставени животни и морални вредности, но сепак тоа не им е проблем да е здружат за да дојдат на власт, кај нас и низ Европа. На едните не им е гајле за нацијата, традицијата, културата и историјата, а другите имаат здрав, нормален однос кон овие прашања, и се уште релативно позитивна демографска слика со што покажуваат дека и во пракса се решени да опстојат и да имаат своја држава. Сојузот е насочен против политичките движења на оној дел на христијанското мнозинство кој формира семејства, има деца, работи во реалниот сектор и си ја сака државата. Левите шарени го презираат нормалниот, традиционален дел од својот сопствен народ, додека муслиманското малцинство сака да го замени мнозинството и да стане мнозинство.
Секако, кога ќе дојде на власт, оваа коалиција на идеен вакуум на урбаната левица со традиционална патријахална заедница доминира тој што е посамоуверен. Уелебек опишува влада доминирана од Муслиманското Братство во Франција, а ние добивме влада во која ДУИ без проблем доминираше со СДСМ, и на крајот си зема за право да преговата за националниот идентитет и историјата на македонското мнозинство (со премолчана согласност на урбаните, леви граѓани за кои веќе е прашање дали претставуваат Македонци – тие зборуваат македонски, имаат лични имиња како да се Македонци, но јасно е дека веќе немаат ни вера ни нација туку некој нов модерен шарен идентитет – во најмала рака јасно е дека нормалите и шарените Македонци веќе не се на иста страна кога треба да се бранат македонските национални интереси, со што е веќе нејасно дали сме припадници на ист народ ). Како и Франција, ние добивме и симболични акти на вандализам со кои постепено му се кажува на мнозинството дека се на пат да бидат заменети – Артан Груби беше пратен да ја спречи обновата на црквата на скопското Кале, споменикот на цар Душан, и конечно, да го демолира обновениот Македонски Народен Театар.
На шарените им е тешко да го оправдаат овој нивен сојуз со муслиманското малцинство, во кој јасно е дека единствено влегуваат за да бидат на власт, и од кој не може да произлезе ништо конструктивно или стабилно за иднината на државата. Во Франција, сојузот го правдаат со наводното недоволно инвестирање во образованието и во социјалата (Франција има долг кој веќе е еднаков на нејзината годишна економија, а лошата десница не била на власт од 2012 година). Во Македонија, шарените ја оправдуваат „како до сега“ коалицијата со приказната за ЕУ, па уште и гордо велат дека е оправдано за ЕУ да ги жртвуваме националните интереси и карактеристики. Ако шарените успеаа да развијат некаков идентитет кој треба да им го замени националниот идентитет, тоа е некоја европска граѓанска определба. Во Македонија, шарените ЕУ ја поистоветуваат со грантови, стипендии, комотни работни места како дипломати или експерти во некоја европска престолнина (еден од нив со години не удави колку му било убаво што го пратиле во Тирана). Бидејќи шарените по правило работат во нереалниот сектор на јавната администрација, академијата и невладините организации, членството во ЕУ им е природен следен чекор да ги мултиплицираат ваквите непродуктивни канцелариски работни места.
Во меѓувреме, нормалните Македонци, кои работат на нормални работни места – индустрија, транспорт, земјоделство, градежништво, се свесни дека со влезот во ЕУ ќе добијат повеќе пари на располагање за инфраструктурни проекти на кои ќе работат, или земјоделски субвенции или полесна можност да работат во транспорт низ ЕУ. Но, во исто време, гледаат и дека најубавите години на ЕУ, кога можеби навистина ќе вредеше да се прават големи отстапки за да влеземе, се зад нас. Јасно им е дека оваа работа нема уште долго да трае. Видете ги само најголемите партии во Франција и Германија, и како тие размислуваат за иднината на ЕУ – колку долго мисли Брисел дека ќе спречи промена на власта во овие две клучни земји (а со тоа и драматична реорганизација на Унијата)? Десните гласачи во просек се семејни луѓе со деца – настрана финансиските импликации од приемот во ЕУ, за семеен човек е дополнителен проблем да прави отстапки какви што предлагаат шарените бидејќи не сака неговите деца да го гледаат како прави непринципиелни компромиси и се понижува за пари – што не му е до толку проблем на некој што дома има само куче или мачка. Нормалните граѓани сакаат на своите деца да им остават место во кое ќе можат да живеат, како свои на своето, да ја продолжат семејната лоза и понатаму да живее приказната за нас. Да ја обноват семејната куќа, а зошто да не, да ја зачуваат и старата дабова порта.

Македонски

