Skip to main content

Второ издание на меѓународната научна конференција Мит и драма во Скопје

Во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје ќе се одржи второт издание на меѓународната научна конференција со наслов Мит и драма: кризи, граници, другости (27-28 октомври 2026).

Настанот е организиран под покровителство на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, а во соорганизација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ, Скопје, Институтот за македонска литература, УКИМ, Скопје и Факултетот за драмски уметности, УКИМ, Скопје.

Шеесетина експерти од областа на хуманистичките науки и театарските студии, кои истражуваат во земјава и во странство (Франција, Обединетото Кралство, Шведска, Соединети Американски Држави, Грција, Полска, Турција, Индија, Шпанија, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Нигер и др.), ќе дискутираат за комплексните релации меѓу драмата и митот, од времето на антиката па сѐ до денес, во глобални рамки.

Конференцијата предвидува и три пленарни предавања, од истакнати професори и професорки од оваа област: Пјер Лонгенес, Оддел за театарски студии, Универзитет Нова Сорбона – Париз 3, Душка Радосављевиќ, Универзитет во Лондон и Универзитет во Лунд – Шведска, и Маја Бојаџиевска, Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Свеченото отворање на конференцијата е закажано за 27 октомври во 9:30 часот, во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Конференцијата е отворена за сите заинтересирани, а програмата е достапна на следниов линк:
https://flf.ukim.mk/wp-content/uploads/Programme-Myth-and-Drama-2026.pdf

Поврзани вести