
Водата од пластично шише кое било оставено во прегреан автомобил со часови може да содржи зголемени количини на одредени хемикалии и мали пластични честички.
Експертите предупредуваат дека високите температури, особено во текот на летните денови, можат да го забрзаат ослободувањето на овие супстанции од ПЕТ амбалажата, поради што не се препорачува долго време да се чува флаширана вода во жежок автомобил. Во текот на жешките денови, температурата во паркирано возило може брзо да се зголеми, а шишето оставено на седиште или во багажник станува изложено на екстремна топлина.
Истражувањата покажуваат дека загревањето на ПЕТ пластиката го зголемува преносот на одредени супстанции во водата. Меѓу нив е и антимонот, елемент што се користи во производството на оваа амбалажа, чие ослободување се зголемува со повисока температура и подолга изложеност на топлина.
Научните студии сугерираат дека и микропластиката и нанопластиката полесно се ослободуваат кога шишето е изложено на високи температури и тресење за време на возењето. Сепак, стручњаците нагласуваат дека еднократното пиење вода од загреано шише не претставува автоматски ризик по здравјето, додека долгорочните ефекти од изложеноста на микропластика сè уште се истражуваат.
Најдобрата превенција е едноставна — флашираната вода треба да се чува на ладно место и подалеку од сончева светлина. Доколку шишето стоело во топол автомобил со часови или денови, подобро е да се замени со ново, особено ако континуирано се загрева и лади.

Македонски

