
Вештакот Петре Русески, ангажиран од одбраната во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска изјави дека не смета оти постои основ за негово изземање, откако Обвинителството отвори прашања за негови претходни ангажмани и соработката со други вешти лица. Во продолжението на вкрстеното испитување, Русески остана на ставот дека од градежен аспект објектот одговорил на својата намена и дека изведените зафати претставувале градежно-занаетчиски работи.
Обвинителката Наташа Сарамандова на почетокот на денешното рочиште, побара од вештакот Петре Русески, кој го има изработено градежното вештачење на првообвинетиот Дејан Јованов и двајца други обвинети да одговори дали смета дека има основ за негово изземање, укажувајќи дека Јавното обвинителство пред да ангажира вешто лице прави проверки дали против него се води постапка или било осудувано и очекува тоа да го прават и другите странки во постапката.
Обвинителството посочи дека Русески на барање на обвинетите Николчо Коцев и Љупчо Стаменков има изработено вештачење во кое учествувала и е потпишана и Василка Каевска, и го повика да одговори, дали “Василка Каевска, заедно со Николчо Коцев и Мирослав Грчев, покрај Вас, сте изготвувале правни вештачења и за “Инкс Дрим” АД Струга, произнесувајќи се на материја за која сте ангажирани да вештачите и во овој предмет”, на што Русески одговори потврдно.
– Да, така е. Сите работиме под закон… Инаку 11 вештаци се обвинети за лажен исказ, врз основа на изјава на еден вештак. И тоа е обвинение што две години нема рочиште. Не сметам дека треба да бидам изземен – изјави вештакот.
Русески, потоа појасни дека вештите лица, Василка Каевска како вештак од областа на архитектурата работела со него “за полесно да одговориме на прашањата поставени од барателите”, а вештото лице Инает Ертани, геодет, бил консултант “повеќе како советодавна улога”.
Одбраната реагираше на ваквиот начин на поставување прашања, посочувајќи дека Обвинителството продолжува со вакво испитување и, како што рече малтретирање и навреда на вештакот од причина што “Обвинителството не располагала со прашања што ќе ги поткрепат своите наводи”.
Во продолжението од денешното рочиште, јавниот обвинител Дарко Јакимовски продолжи со вкрстени прашања за вештакот Русески, и побара да му биде укажано на дел од неговото вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов каде вели дека “се задоволени основните минимално – технички услови во објектот, дека се обавува угостителска дејност Кабаре, дека се врши лесна интервенција со преградни ѕидови”, а во друг дел вели “во однос на целосната противпожарна функционалност, евакуацијата, електрична инсталација, машинската вентилација, паничното осветлување, минимално – техничките услови и другите потребни безбедносни услови… потребна е оценка од соодветни овластени стручни лица или надлежни органи од тие области. Ова мислење се ограничува на градежно – архитектонскиот аспект на објектот”.
Вештакот Русески ги потврди ваквите ставови, одговарајќи “да, така е наведено”.
-Што се однесува, дали конструкцијата имала влијание врз пожарот, реков треба да се испита дали материјалите го ширеле пожарот и како градбата регирала… од мој градежен аспект објектот и материјалите во него не придонел и не била надмината неговата противпожарна околност и целосно одговорил на својата намена. Од градежен аспект нема последици на пожарот – изјави вештакот.
На прашање дали “внатрешното уредување и организација на внатрешниот простор, исто така е градежен аспект”, сведокот рече, “тоа рековме се градежно-занаетчиски работи”.
– Во смисла на зборот адаптација се согласувам со професорката Мирјана дека нема адаптација. Дефинитивно нема реконструкција од градежен аспект, нема промена во деловниот простор и дефинитивно се градежно – занаетчиски работи на внатрешно ентериерно уредување на просторот- изјави вештакот.
На укажување од Обвинителството дека Законот за градење не познава термин “градежно-занаетчиски работи”, вештакот рече “градежно-занаетчиски работи не се дефинирани во Законот за градење затоа што за нив не е потребно одобрение овластување и лиценци, а инаку за секој предмет тие се неопходни и се користат”.
Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува со изведување докази предложени од одбраната. И на претходното рочиште, вештачењето на Русески и неговите тврдења дека објектот ги исполнувал сите услови и дека “за промена на дејноста на објектот биле изработени и поднесени сите потребни документи, меѓу кои елаборати за заштита од пожари и за заштита и здравје при работа до Пазарниот инспекторат, како и сообраќаен елаборат до МВР”, предизвикаа реакции од Обвинителството и семејствата на загинатите.
Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката Пулс, остро реагираа на изнесените тврдења во судницата од страна на вештакот на одбраната и на минатото рочиште. Александар Наунов, во изјава за медиумите на паузата од минатото рочиште, истакна дека “изведените градежни зафати не може да се третираат како обични занаетчиски работи со цел да се избегне одговорноста за градење без одобрение”, потенцирајќи дека судскиот процес “не е само за градежни конструкции, туку за безбедноста, одговорноста и загубените човечки животи”.

Македонски

