
СДСМ обвинува дека резултатите од гласањето на болните и изнемоштените лица во Брвеница биле објавени на социјалните мрежи, а воедно и на порталот „Република“ пред, како што тврдат, официјалното отворање на избирачките кутии и бара Јавното обвинителство да спроведе истрага.
Според партијата, на 17 октомври гласале 88 болни и изнемоштени лица, од кои 85 го оствариле своето право на глас. По гласањето, на социјалните мрежи биле објавени резултати според кои 50 гласа добил кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, 20 ВЛЕН, 15 ДУИ, а СДСМ немал ниту еден глас. Истите бројки, како што тврдат од СДСМ, биле објавени и на порталот „Република“.
Од СДСМ прашуваат како можеле да бидат познати резултатите пред официјалното отворање на кутиите и броењето на гласовите, кои се вршат заедно со гласовите од редовните избирачки места. Партијата бара да се утврди дали имало неправилности во постапката, кој имал пристап до гласачките ливчиња и како информациите за резултатите стигнале до социјалните мрежи и медиумите пред официјалното објавување. Од СДСМ прават паралела со практиките од времето на Никола Груевски и предупредуваат на ризиците од притисоци врз гласачите и злоупотреба на изборниот процес.
Воедно, партијата се противи на измени на Изборниот законик што би овозможиле гласање по пошта или електронско гласање без соодветни механизми за контрола. Од СДСМ велат дека секое решение мора да биде во согласност со препораките на Европската Унија и ОБСЕ/ОДИХР, со гаранции за транспарентност и заштита на тајноста на гласањето.
„Бараме одговорност и истрага за тоа како се дознало за резултатите од гласањето пред официјалното броење“, е пораката на СДСМ.

Македонски

