Skip to main content

Историски чекор за културната соработка меѓу Македонија и Кина – потпишан Меморандум на соработка со JFF Битола и SPAF и CSIAF 2026 од Кина

Пред бројни делегации, уметнички директори, претставници на водечки светски фестивали и дипломатски претставници од целиот свет, беше потпишан Меморандум за разбирање, соработка и размена помеѓу Џез фактори фестивалот од Битола и Кинеските партнери на конференцијата на SPAF и CSIAF 2026 во Шангај.

Официјалната церемонија на потпишување се одржа во преполната сала на конференцискиот центар „Њу Бунд 31“ во Шангај, со голем медиумски интерес и громогласен аплауз од присутните делегати. Овој чин претставува пресвртница и отвора сосема нова ера на културна дипломатија, уметничка размена и долгорочно стратешко партнерство.

Меморандумот го потпиша директорот на Џез фактори фестивалот, професорот Сашо Поповски, а покрај него и директорот на Џез фестивалот во Петровац, Црна Гора, Винко Михајловиќ, како и претставникот на Џез фестивалот во Албанија, Јилјет Аличка.

„Преку потпишување на овој важен документ за разбирање, соработка и размена, отвораме нови можности за меѓународно културно поврзување. По 3 години членство во меѓународната културна мрежа на Патот на свилата, продолжуваме да градиме мостови на пријателство преку културата и уметноста“, изјави директорот Сашо Поповски и додаде:

„Посебен акцент во нашата презентација оваа година ставивме на Националната џез-платформа на Македонија, нејзината улога во развојот, поврзувањето и промоцијата на македонската џез-сцена, како и на можностите за унапредување на соработката со кинеските културни институции, фестивали и музичари. Во рамките на нашите активности, посебно внимание посветивме и на можностите за академска соработка и универзитетска размена, преку поврзување на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип со сродни високообразовни институции во Кина. Целта е да се отворат нови перспективи за размена на студенти и професори, заеднички едукативни и уметнички проекти, работилници, мастер-класови и истражувачки активности во областа на џезот и современата музика. Веруваме дека ваквите академски партнерства ќе придонесат кон унапредување на музичкото образование, меѓународната мобилност и долгорочното поврзување на македонската и кинеската музичка и академска заедница“.

Посебно место во презентацијата имаше и едукативната програма Jazz Factory for Kids, преку специјалниот проект:
„Jazz Bridges for Inclusive Futures – A European Model for Music, Diversity and Intercultural Collaboration“.
Проектот ја истакнува моќта на музиката како универзален јазик што ги поврзува децата, ги поттикнува инклузијата и креативноста и создава простор за прифаќање на различностите и меѓукултурен дијалог.
Важен дел од активностите во Шангај беа и подготовката за јубилејното, 10-то издание на Џез Фактори Фестивал Битола, кое ќе се одржи од 13 до 18 април 2027 година.

Потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу „Џез фактори фестивал“ од Битола и China SPAF претставува значаен чекор кон унапредување на меѓународната културна соработка, размена на уметнички искуства и создавање нови можности за поврзување на македонската и кинеската културна сцена. Значењето на овој меморандум не се сведува само на формално воспоставување партнерство меѓу два фестивала, туку се согледува и во можноста за долгорочна соработка, меѓусебна промоција и развој на нови културни иницијативи. Преку ваквите партнерства и Битола добива можност да ја зајакне својата позиција како град на културата, музиката и меѓународниот уметнички дијалог.

Преку соработката со China SPAF (China Shanghai International Arts Festival – Performing Arts Fair), „Џез фактори фестивал“ добива можност за поврзување со меѓународни фестивали, културни организации и професионалци од областа на изведувачките уметности. Ова партнерство е значајно за промоцијата на македонските џез-музичари, нивното вклучување во меѓународни програми и создавањето можности за настапи, гостувања и нови уметнички проекти. Преку сето ова се создава основа за

  • гостувања на кинески музичари на фестивалот во Битола;
  • претставување на македонски џез-уметници на фестивали и културни настани во Кина;
  • организирање заеднички концерти, музички резиденции и интеркултурни проекти;
  • реализација на мастер-класови, работилници и едукативни програми за млади музичари;
  • размена на професионални искуства во организацијата и продукцијата на меѓународни фестивали.
  • Преку гостувања на странски уметници, медиумска промоција и презентација на градот пред меѓународната публика, се создаваат можности за афирмација на Битола како културна и туристичка дестинација.

Првите конкретни проекти и гостувања веќе се најавени за претстојната фестивалска сезона и Џез фактори фестивалот наредната година. Со овој важен чекор се потврдува дека културата е мост кој ги спојува земјите, а Битола важен фактор и центар на меѓународната соработка.

Поврзани вести