
Околу 4.600 домови и најмалку 16.000 луѓе се загрозени од шумските пожари што беснеат во јужниот дел на американската сојузна држава Калифорнија.
Противпожарните служби соопштија дека за неколку области се издадени наредби за евакуација.
Пожарот во близина на Сан Клементе, на околу 90 километри јужно од Лос Анџелес – наречен „Норте“ (Norte Fire) – за само неколку часа се проширил на површина од околу 2 квадратни километри, изјави Марк Бакоф, шеф на противпожарната служба во округот Оринџ.
Околу 400 пожарникари се борат со огнената стихија, а уште 400 се на пат кон местото на пожарот. Двајца пожарникари се повредени за време на интервенцијата и се пренесени во блиските болници.
Огнот исто така претставува закана за домовите во крајбрежниот град Малибу, западно од Лос Анџелес. Неколку стотици луѓе мораа да ги напуштат своите домови, изјави портпарол на противпожарната служба за американската телевизија Си-Ен-Ен (CNN).
Овој пожар, наречен „Брајсон“ (Bryson Fire), избувна во четвртокот вечерта. Стотици пожарникари се на терен, а најмалку еден од нив е повреден.
Температурите во Јужна Калифорнија на одредени места се искачија над 30 степени Целзиусови. Метеоролошката служба најави појава на ветровите „Санта Ана“ во некои региони – станува збор за силни, суви ветрови кои можат да предизвикаат брзо ширење на пожарите.
Компанијата за дистрибуција на електрична енергија во тој регион, „Садерн Калифорнија Едисон“ (Southern California Edison), превентивно го исклучи снабдувањето со струја во областите што се особено загрозени. Силните налети на ветер можат да ги оштетат електричните столбови и далноводите, предизвикувајќи искри, што во минатото честопати доведувало до избувнување пожари, пренесува ДПА.
Извор: МИА

Македонски

