Skip to main content

Случајот што ги надминува границите на едно бегство

Случајот со Ива Михаилова од Кочани отвори три суштински прашања кои ја брануваат македонската јавност. Како тоа лице со одземени пасоши и судски ограничувања на движењето поминало од Македонија во Бугарија, кој е одговорен за тоа и дали постојат докази за политичка вмешаност?

Од објавените информации и изјавите на актуелните функционери се издвојуваат две спротивставени политички линии. Првата е онаа на опозицијата според која случајот е сериозен институционален и безбедносен скандал за кој одговорност треба да преземат МВР, министерот Панче Тошковски и Владата. Опозицијата оди чекор понатаму и смета дека треба да се испита и сомнежот за политички договор меѓу Македонија и Бугарија.

Втората линија е онаа на власта. Таму сметаат дека проблемот е многу покомплексен и има длабок корен кој е поврзан уште со времето на владеењето на Зоран Заев. Според власта сомнежите не треба да се насочуваат само кон актуелната Влада туку треба да се испита и улогата на поранешните функционери од претходната власт, особено улогата на докторот кој го подготвил медицинскиот извештај кој се однесува на лекувањето на Михаилова.

Секако, би било погрешно доколку не кажеме дека постои и трета линија на гледање на овој случај, односно толкувањата на експертите. Од нив можевме да слушнеме прилично креативни толкувања за ова бегство кои имаа своја логична подлога и прифатлива аргументација. Сепак, во глобала и експертските толкувања се приклонуваат кон една од двете спротивставени политички линии.

Тоа е уште еден доказ дека македонското општество претставува своевидна арена во која се води борба за перцепција и освојување дневнополитички поени, додека вистината е од второстепено значење. Тука воопшто не и се дава простор на официјалната истрага и следствено на тоа дури потоа да се коментираат нејзините резултати како единствен релевантен извор на информации. За ваквата појава веќе сме пишувале во неколку наврати и истата не претставува ништо ново, ниту пак претставува некакво изненадување во македонскиот јавен дискурс и во случајот на Михаилова.

Според објавените информации достапни во јавноста на Михаилова претходно и биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош. Судот и одредил и ограничувања на движењето и обврска редовно да се јавува кај надлежно службено лице. Водена од овие факти опозицијата прашува, ако институциите знаеле дека постои ризик од бегство и одредиле мерки на претпазливост за негово спречување, тогаш како Михаилова сепак се нашла во Бугарија? Ова прашање опозицијата автоматски го користи за директен напад кон министерот Тошковски и барање за негова оставка.

Да тргнеме со ред.

Логиката на прашањето е едноставна, но таа води во друг правец кој е различен од оној во којшто опозицијата бара оставка веднаш и сега. Ако државата презела мерки за да го спречи заминувањето, македонското судство ги одзела патните исправи и одредило мерки на претпазливост кои пак не го постигнале резултатот, тогаш логично е дека преку соодветна истрага треба да се утврди каде настанал пропустот. Значи првин истрага, па потоа сѐ друго. Фактот дека Ива Михаилова се нашла во Бугарија не докажува дека некој намерно или немарно и го овозможил заминувањето.

Понатаму, СДСМ се повикува на изјавите на Михаилова дека ја преминала границата легално, со лична карта и дека граничните службеници знаеле за нејзиното преминување.

Да се повикуваш на изјави на лице за кое се води судска постапка, лице кое знае дека не смее да ја напушта земјата, е крајно несериозно од партија како што е СДСМ. Секој човек што здраворазумски размислува и ја слушнал изјавата на Михаилова, лесно ќе заклучи дека нејзината изјава е лага и конструкција креирана од „адвокатите“ кои ја пренеле преку граница. Зарем има човек кој ќе поверува дека македонската граница кон Бугарија може легално да се помине само со лична карта? Секако дека нема!

Затоа, повикувањето на изјавите на Михаилова, нивното прифаќање и сервирање на македонската јавност како релевантни и вистинити, фрла сомнеж токму кон СДСМ дека имаат конекција и некакво соучество во овој случај заради остварување на политички цели. Не можеме со сигурност да тврдиме дека тие навистина се соучесници, но логиката на нивното однесување со право нѐ води кон таквиот заклучок.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ сподели став и информација дека коренот на овој случај се содржи во медицинскиот извештај со кој Ива Михаилова аргументира пред македонското судство дека и е  потребно лекување во странство. Овој извештај тврди дека не постојат можности во Македонија. Партијата тврди дека извештајот го изготвил неврологот Иван Барбов, лекар кој за времето на владеењето на Заев бил назначен и ја извршувал функцијата директор на Клиниката за неврологија.

Во исто време, ако се земат во предвид тврдењата на други медицински експерти кои велат дека ваквото лекување сепак е достапно во Македонија во приватните болници, тогаш тезата на владејачката партија има исклучително цврста логичка подлога.

Ваквата теза на владејачката партија го урива и тврдењето на политичарите и претставниците на Бугарија. Тие велеа дека таквото лекување во македонските приватни болници ќе биде скапо за Ива Михаилова и затоа требала да се лекува во државните болници во Бугарија.

Независно од тоа што Михаилова има двојно државјанство, таа е од Кочани и живее во Македонија. Дали работи и дали има здравствено осигурување во државава, за тоа немаме информации. Но, поради фактот што живее во Македонија логично е да заклучиме дека не работи и нема здравствено осигурување во Бугарија. Впрочем, кој работодавец би плаќал придонеси за некој што не работи?!

Тука доаѓаме до прашањето, како тоа Михаилова ќе може да се лекува во државните здравствени установи во Бугарија без да има осигурување и без да биде платено таквото лекување? Ако бугарската држава донела одлука да ги покрие овие трошоци во бугарските болници, тогаш истото можела да го стори и за нејзиното лекување во македонските болници без да ја „киднапираат“ и изнесуваат од државата на начин за којшто треба допрва да дознаеме од истрагата.

Како и да е, дури и без финалниот извештај од истрагата, ние лесно можеме да ја видиме поврзаноста меѓу сите елементи. Поврзаноста меѓу медицинскиот извештај, театарот со „угнетувањето“ на бугарска државјанка, политичката хистерија во Бугарија, бегството на Михаилова и партиското делување на СДСМ. Ова последново посебно загрижува. Сите овие елементи добиваат една взаемна поврзаност која укажува на координирано делување на структури од двете страни на границата кои имаат заедничка цел.

Таа заедничка цел јасно можевме да ја видиме во времето на Заев и Ковачевски кои ревносно ги исполнуваа бугарските диктати до последната точка и запирка. Таа цел доби своја финална верзија преку прифаќањето на преговарачката рамка, вториот протокол и обврската за внесување на Бугарите во Уставот.

Сега, кога Владата на Мицкоски, со помош на институциите на ЕУ успеа да ја принуди официјална Софија да седне на маса и да разговара за надминување на блокадата на македонскиот евроинтегративен процес, се разбудија духовите на сите оние кои нѐ доведоа во ќорсокак и кои ќе бидат силно погодени од евентуалниот успех на македонската Влада. Секое репреговарање кое ќе и оди во полза на Македонија ќе биде фатално, како за актуелната врхушка на СДСМ, така и за целокупната бугарска стратегија и политика кон Македонија.

Случајот на Ива Михајлова не е обичен криминален случај на некакво бегство преку граница. Тоа не е само случај во кој таа избегала со фалсификуван бугарски пасош, во багажник од некој автомобил или на див премин. Тоа е случај кој има за цел да ги дестабилизира Македонија и македонската Влада и да ја бетонира блокадата на македонските евроинтеграции. Ива Михаилова е жртва на фабрикуван случај заради политичките цели на заинтересираните страни од двете страни на границата за кои погоре зборувавме.

Затоа, овој случај мора да се гледа низ многу поизострена призма преку која ќе можат да се видат вистинските мотиви на неговите креатори. СДСМ прави уште една катастрофална грешка со која повторно го свртува вниманието кон себе како партија која има идентични политички интереси како оние на официјална Софија. Не би сакале ова да го кажеме, но логиката на нештата нѐ води во тој правец и кон тој заклучок.

Поврзани вести