
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска присуствуваше на одбележувањето на 59 години од основањето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
– На покана на претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, мој драг пријател, имав чест да присуствувам на одбележувањето на овој значаен ден за македонската наука и уметност. Силата на една нација се огледува во знаењето што го создава, културата што ја негува и наследството што им го остава на идните генерации. Токму затоа, МАНУ има посебно место во нашиот национален и општествен развој. Особено задоволство ми беше што бев меѓу истакнати претставници на научната мисла од Македонија и од регионот, со кои разговаравме за теми од значење за иднината на Скопје. Нивното знаење, искуство и визија се драгоцена поддршка во создавањето град што се развива, го почитува своето наследство и отвора нови можности за генерациите што доаѓаат – изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека Македонската академија на науките и уметностите со децении е столб на научното и уметничкото творештво и на интелектуалниот и духовниот развој на Македонија. Со својот авторитет и интегритет, таа има непроценлива улога во проучувањето, афирмацијата и зачувувањето на македонскиот јазик, култура и идентитет, како и во унапредувањето на меѓусебното почитување и соживотот меѓу заедниците.
– Почитта кон ваквите институции ја покажуваме и преку конкретна грижа. Како Град Скопје, започнавме со хортикултурно уредување на просторот околу МАНУ, за ова значајно средиште на знаењето и творештвото да добие поубаво и поуредено опкружување, достојно на неговото значење – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски упати искрени честитки до Соња Должан од Словенија, овогодинешната добитничка на меѓународното признание „Блаже Конески“, со желби за уште многу успеси и нови творечки достигнувања, а на сите членови и соработници на МАНУ им го честиташе празникот, со длабока почит кон нивната работа и придонес.

Македонски


