
МФФ Киненова свечено се отвора вечерва во киното „Фросина“ во МКЦ со филмот „3 недели подоцна“ на Мирослав Терзиќ. Станува збор за истакнат српски филмски режисер и сценарист, препознатлив по своите длабоки социјални и политички драми кои обработуваат тешки општествени теми. Неговиот најнов филм од 2026 година се работеше под работниот наслов „Екскурзија“ и претставува сурова и емотивна драма која се занимава со врсничкото насилство и тинејџерскиот суицид. Имаше светска премиера во главната натпреварувачка програма на 60. Филмски фестивал во Карлови Вари, каде ја освои престижната награда Europa Cinemas Label, а потоа беше прикажан и на Сараевскиот филмски фестивал.

Филмот се занимава со длабоки лузни, вина и соочување на младите по самоубиство на нивен соученик. На прашањето дали смета дека токму фестивалите како Киненова се вистинското место каде што филмот може да поттикне вистински општествен дијалог, наместо само пасивно гледање, Терзиќ вели:
Мислам дека се. Киното и фестивалот се меѓу ретките места каде што група сосема различни луѓе заедно го доживуваат истото искуство, а потоа можат да разговараат за него. Се разбира, филмот не може сам по себе да го промени општеството, ниту пак сметам дека треба да нуди едноставни одговори. Но, тој може да отвори непријатни прашања што честопати се обидуваме да ги потиснеме. За мене е важно разговорот да продолжи и откако ќе се вклучат светлата во салата.


Македонски


