Skip to main content

Комедијата која ги полни салите низ Хрватска, доаѓа во Битола

По повод Денот на Хрватскиот Парламент, во Битола во Центарот за култура на 16.10 со почеток од 19.00 ќе биде изведена претставата „Не се врткај наоколу гола“, режисер Силвио Стилиновиќ, на Младинскиот Сатиричен театар од Славонски Брод, Хрватска.

Гостувањето на овој театар е во организација на МХД.Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“, Битола, во соработка со Општина Битола и Центарот за култура.

Претставата е базирана по текстот на еден од најголемите француски комичари, Жорж Фејдо, напишан пред 100 години.

Програмата на Хрватскиот културен центар е направена да ја поттикне меѓународната јавност да се запознае со хрватското културно наследство, хрватскиот јазичен идентитет. Културните посети и соработки траат повеќе од 30 години, од кои дел беа бројни изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција.

Во претставата играат: Фабијан Тадиќ, Петра Ковачевиќ, Славко Радовановиќ, Петар Опачак, Антониот Јуричиќ. Костимографијата е на Тајана Балаж Јуришиќ, сценографијата на Златко Орешковиќ и Саша Кариќ. Претставата од својата премиера минатата година ги полни салите низ театарите и културните центри во Хрватска каде и да гостува. Иако текстот е стар повеќе од еден век, режисерот Силвио Стилиновиќ и младата екипа го сместија дејството во денешна Хрватска.Тие на најдобар можен начин покажаа дека дури ни вековите не ја промениле самата суштина на човечкиот карактер, во сите негови доблести и недостатоци. Режисерската работа на Стилиновиќ успева во она што е тешко дури и за професионалните ансамбли – да извлече од младите актери спонтаност, автентичност и одлично темпо на претставата, што ја држи публиката будна од првата до последната сцена. Заедно со асистентот-режисер Саша Кариќ, тој создаде претстава која го нуди она што публиката најмногу го сака – вистинска смеа. Додека културната сцена често се жали на недостаток на млади луѓе, овој пример од Славонски Брод покажува колку е важно да се инвестира во аматерски театри. Тука се младите луѓе кои избираат глума, креативност и соработка и се вистинска реткост, но и капитал на заедницата во кој треба да се инвестира.

Инаку, овој театар постои од 2006 година, добитници се на многубројни награди во Хрватска, но и на фестивали надвор од неа. Како што велат самите актери- за нас наградите се доказ дека сме на вистинскиот пат за она што го работиме. Сатиричниот театар со право може да каже дека со своите претстави, културното значење и просторот што го отвора за младите и љубителите на театарот е еден од столбовите на општествениот живот на градот Славонски Брод.

СКМ често се нарекува театар на тркала. Голем број гостувања, од Битола, Витез, Крагујевац, Бјеловар, Сињ, е една од значајните карактеристики на работата на театарскиот ансамбл. Втората секако е Аматерскиот театарски фестивал во организација на СКМ., и трето, во своето долгогодишно постоење, СКМ е местото од каде што 11 млади луѓе ги пронашле своите повици во животот и студирале или дипломирале на уметничките и театарските академии од Осиек, Загреб, Сплит до британскиот Лидс.

Оваа година Хрватскиот културен центар беше организатор на повеќе значајни манифестации, иницијатор на потпишување на Меморандум за соработка помеѓу НУУБ. „Св. Климент Охридски“ Битола и Градската библиотека „Марко Марулиќ“ Сплит, организатор на неодамнешната турнеја на КУД Илинден во Хрватска, учесник на меѓународни конференции и семинари и сл.

Поврзани вести