
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го повика бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков, поради случувањата поврзани со Ива Михаилова и нејзиниот пречек во Софија.
На средбата, на амбасадорот му било укажано дека начинот на кој Михаилова била пречекана, вклучително и најавите за прием на високо ниво, претставува провокација што ги поткопува напорите за градење доверба и е спротивна на заложбите за развој на добрососедските односи.
Од МНР нагласиле дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на Македонија и испраќа погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и еднаквоста пред законот. Според Министерството, националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да бидат основа за избегнување одговорност пред надлежните институции.
На средбата било посочено дека од Бугарија, како членка на Европската Унија, се очекува да постапува во согласност со основните европски принципи, вклучително и почитувањето на судските постапки, институционалната соработка и владеењето на правото.
МНР најавило и преземање соодветни чекори за информирање на меѓународните институции, особено на Европската Унија и Советот на Европа, за случувањата поврзани со случајот.
Од Министерството повторно ја истакнале посветеноста на Македонија на развојот на добрососедските односи засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, нагласувајќи дека истата посветеност и одговорност се очекуваат и од бугарската страна.

Македонски


