
Првите индикатори во економска смисла за работата на оваа Влада и нејзината посветена работа во изминатите 27, 28 месеци веќе се гледаат и резултираат со бројни проекти и консолидирање во услови кога ја затекнавме државата којашто беше упатена кон амбис и во услови кога во светот имаме епски најголема енергетска криза што човештвото ја памети, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Во обраќањето на официјалниот почеток на изградба на автопатот од Букојчани до Кичево, премиерот се осврна и на економските показатели и рече дека резултатите веќе не вбројуваат во првите држави во Европа потенцирајќи дека растот на БДП е 4,3% во вториот квартал од годинава и е во првите пет во Европа, а инфлацијата е 25 отсто помала од просекот во ЕУ во третиот квартал.
И тука нема да кажам нескромно и покрај фактот што ризикувам дека голем број од политичарите после ова во опозицијата нема да се сложат и ќе се обидуваат да ме исмејуваат кога зборувам за факти коишто се во првите пет во Европа, но јас ќе продолжам да ги повторувам. Имено, во вториот квартал од оваа година, во 2026 година растот на БДП е 4,3% и е во првите пет во Европа и убедливо меѓу најголемите во регионот, ако не и најголем. Истовремено значајно е да се напомни дека е консолидирана од аспект на трошоците за живот инфлацијата, состојбата во економијата бидејќи во третиот квартал просечната инфлација кај нас е 2,5%, каде било во соседството дали е тоа нашиот јужен, дали е нашиот источен, западен сосед, ќе забележите инфлација којашто е просечна од 5 и повеќе проценти иако не така одамна не убедуваа дека инфлацијата е двојно поголема од просекот во ЕУ затоа што таа била увезена – нагласи Мицкоски.
Посочи дека инфлацијата е 25 отсто помала од просекот во ЕУ во третиот квартал и дека е извршена корекција на БДП во 2024 година од 3 на 3,8 отсто што само по себе значи намалување на долгот од 61 на 57, 4 проценти.
Го задржавме кредитниот рејтинг според сите меѓународни кредибилни рејтинг агенции иако кај сите држави во регионот и во Европа имаме нивелирање во надолна линија, само кај нас останува истиот со тенденција да биде стабилен и да оди во нагорна линија, посочи премиерот.
Додаде дека веќе не се предизвик учебниците за учениците да бидат испорачани на 1-ви септември, ни вадењето на лични документи во МВР, ниту справувањето со пожарите, вели, ако се спореди со она што се случуваше во Европа.

Македонски


