Skip to main content

Герасимоски: Во Апелација недостигаат 16 судии, а од предвидени 32 поротници има само седум

Вршителот на должност претседател на Апелациониот суд Скопје, Зоран Герасимоски изјави дека судот се соочува со сериозен недостиг на судии, судска администрација и судии-поротници, но оцени дека тоа нема да влијае врз неговата ефикасност.

На денешниот брифинг со новинарите, Герасимоски посочи дека според систематизацијата во Апелациониот суд Скопје треба да работат 51 судија и претседател на судот, додека во моментов судиската функција ја извршуваат само 35 судии.

Во овој момент, судиската функција во Апелациониот суд Скопје ја вршат само 35 судии. Проблемот со недостигот на судски кадар се провлекува подолг период – рече тој.

Герасимоски додаде дека од предвидени 245 работни места во судската служба, пополнети се 101, а иако за 2026 година се одобрени 10 нови вработувања, нивната реализација сè уште е во тек.

Дополнителен проблем, според него, е недостигот на судии-поротници. Потенцира дека од предвидени 32 места, во моментов се пополнети само седум.

Надоместокот е утврден уште во 2018 година и истиот не е променет, што значи дека износот од 570 денари на дневна основа е премногу мал и моментално има само седум поротници – изјави Герасимоски.

Сепак, тој оцени дека и покрај кадровските предизвици, судот ќе продолжи да работи ажурно.

Јас сметам дека и со оваа бројка на судии и со оваа администрација, како што е и во овој момент, Апелациониот суд Скопје ќе остане ажурен суд – нагласи Герасимоски.

Во однос на прашањето за спречување на корупцијата во судството, тој истакна дека ќе се почитува презумпцијата на невиност во случаите кои се водат пред надлежните судови и дека доколку се појават сомнежи за корупција, ќе бидат преземени соодветни мерки преку надлежните институции.

За корупција дека има во судот – не знам. Тоа и самите кажавте, односно судијата Ѓоко Ристов ќе ја почитувам презумпцијата на невиност, до конечно завршување на случајот којшто се води пред Основниот суд Скопје 1 Скопје. Така што, доколку такви случаи се појават, дојдат до мене како в.д. претседател на овој суд, нормално ќе се преземаат соодветни мерки преку соодветните институции да се делува веднаш – нагласи в.д. претседателот на судот.

Прашан за очекувањата околу изборот за претседател на судот, Герасимоски рече дека очекува да биде избран и оцени дека Судскиот совет ги надминал дилемите поврзани со неговото кандидирање.

Јас очекувам да бидам избран. По однос на изборот за в.д. претседател се споменуваше некое бодување. Во законот стои само дека треба да си позитивно оценет. А во тој период кога се вршело бодувањето, јас бев член на Судскиот совет, а бодувањето се врши мислам дека на 3 години. Јас бев тогаш само позитивно оценет, како и колешката којашто исто така конкурира, и сметам дека тие некои неразбирања Судскиот совет на последната седница ги надмина и како колективен орган одлучи по однос на тие пречки коишто ги кажувате дека нема пречки за моето конкурирање – истакна в.д. претседателот на Апелациониот суд, Герасимоски.

Поврзани вести