Skip to main content

Европската научна иницијатива за евроазискиот рис ќе се сретне во Вевчани

Во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД) од 12 до 14 октомври во Вевчани ќе се одржи деветтата средба на „Еуролинкс“ – европска научна иницијатива за евроазискиот рис.

На средбата, како што соопшти МЕД, ќе учествуваат странски и регионални проучувачи на рисот во Европа.

– Ова е прилика да се споделат новите истражувања од областа и да се остварат соработки од поголеми размери, со фокус на цели популации на рисот. Така значително се збогатуваат сознанијата и се стекнува подетална слика за трендовите и поврзаностите меѓу популациите на континентално ниво, стои во соопштението.

„Еуролинкс“, според информацијата, претставува европска научна иницијатива за споделување податоци и знаење за екологијата на движењето на евроазискиот рис, основана во 2018 година. 

– Замислена како просторна база на податоци, „Еуролинкс“ ги чува податоците за евроазискиот рис (Lynx lynx) што засега ги споделуваат 42 групи од 19 земји. Меѓу нив е и Македонското еколошко друштво (МЕД), кое преку Програмата за закрепнување на балканскиот рис, 20 години работи на зачувување на овој загрозен подвид на евроазискиот рис, стои во соопштението.

Според МЕД, податоците што се достапни преку овој отворен информациски систем овозможуваат да се истражи однесувањето на рисот во неговите живеалишта и да се евидентира како неговите популации реагираат на промена на живеалиштата, разни човекови активности, густината на пленот или методите на одгледување добиток. 

– Со оглед на тоа што ваквите теренски поткрепени информации пристигнуваат од повеќе земји, „Еуролинкс“ дава одлична основа за компаративни теориски и применети истражувања за однесувањето и екологијата на рисот на европско ниво, информира МЕД.

Евроазискиот рис, наведуваат, е голем грабливец од семејството на мачките (Felidae) и е најголем од шесте вида во родот Lynx. 

– Благодарение на неговиот широк ареал и стабилните популации низ Евроазија, на Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата спаѓа во категоријата „најмала загриженост“ (LC). Одредени изолирани популации во Централна Европа поединечно се сметаат за загрозени, како што е и популацијата на балканскиот рис, која денес населува мала површина од Балканскиот Полуостров. Иако евроазискиот рис се вратил во некои од своите историски живеалишта, сепак не е имун на човековите активности. Меѓу најсериозните закани за него се криволовот, губењето и фрагментацијата на живеалиштата и вкрстувањето меѓу блиски сродници во многу мали популации во Централна Европа, што доведува до генетско ослабување на популациите, соопшти МЕД. 

Поврзани вести