
Македонскиот КИЦ во Загреб ја отвори новата концертна и галериска сезона со уметничка вечер во која се сретнаа графичката уметност и класичната музика. Изложбата „Дисциплина на скратениот траг“ на Евгениј Пантев и концертниот настап на Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска-Ивановска понудија квалитетна и содржински разновидна програма, која предизвика голем интерес кај загребската публика.
На почетокот пред бројната публика се обратија, македонскиот амбасадор во Хрватска, Н. Е. Драган Ѓурчевски, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска, како и авторот на изложбата Евгениј Пантев.
Ѓоргоска Илиевска во своето воведно експозе за изложбата истакна дека: „преку делата на Пантев хрватската публика има можност да се запознае со современото македонско графичко творештво преку автор со повеќедецениско искуство и значајно меѓународно присуство, кој зад зад себе има дванаесет самостојни изложби и учество на околу 200 меѓународни графички изложби, а учествувал и на повеќе уметнички резидентни програми во Европа, САД и други средини“.
Во својот осврт за изложбата на Евгениј Пантев, историчарот на уметност Дејан Буѓевац истакнува дека: „со својот досегашен опус Евгениј Пантев не наметнува гласно присуство, туку артикулира тивок, беспрекорен графички идентитет. Неговиот пат е перманентна проверка на ликовниот ентитет на сувата игла, медитативен чин во кој плочата е место на одлука, а отпечатокот е чист доказ за постоење. Овој опус не завршува со последниот повлечен потег на листот, туку остава одглас во свеста на набљудувачот, повикувајќи го на повторно, бавно и внимателно читање на секоја врежана линија.“
Уметничката вечер продолжи со концертниот рецитал на двајцата исклучителни претставници на современата македонска класична музика. Кларинетисот Ристо Ѓоревски и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска се истакнуваат со богата и врвна активност, и во солистичкото и во камерното музицирање, како на домашната, така и на меѓународната концертна сцена.
Внимателно конципираната концертна програма на публиката и понуди дела од светскиот класичен репертоар, како и избор од македонското музичко творештво со композиции од Благој Цанев, Дамир Имери и Кире Костов.
Посебна вредност на концертната програма дадоа етномузичките елементи и мотивите од македонскиот фолклор присутни во дел од македонските композиции. Тие, преку современиот авторски и интерпретативен пристап на двајцата уметници, го донесоа македонскиот музички сензибилитет пред присутната публика.
Високото изведбено ниво, префинетата интерпретација и одличната музичка конекција на Ѓоревски и Атанасовска-Ивановска беа препознаени од публиката и наградени со долготраен аплауз.
Отворањето на новата концертна и галериска сезона уште еднаш потврди дека македонскиот КИЦ во Загреб продолжува да создава простор за квалитетно и разновидно претставување на македонската култура пред хрватската публика – од современата ликовна уметност до македонското музичко творештво.
Вечерта, во Македонскиот КИЦ, започна со линијата и трагата на графиката, а заврши со звукот на кларинетот и пијаното – две уметнички приказни обединети во една впечатлива вечер, кои кај присутната публика создадоа силни естетски впечатоци и емоции.

Македонски


