
Со предложените измени не се скратува правото на боледување, а матичниот лекар и понатаму ќе може да утврдува привремена спреченост за работа до 15 дена, вели генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, во интервју за „Република“.
Тој објаснува дека петтиот ден не претставува граница по која пациентот треба да се врати на работа, туку момент по кој почнуваат да се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза.
– Ако пациентот има медицинска потреба да биде на боледување 10, 20, 30 дена или подолго, ќе биде онолку колку што бара неговата здравствена состојба. Ниту денес боледувањето трае најмногу седум дена, ниту со измените ќе трае најмногу пет – вели Перински.
Доколку по петтиот ден пациентот сè уште не е способен за работа, матичниот лекар ќе може да го продолжи боледувањето до 15 дена, со потребната дијагностика или специјалистичка проценка.
– Не би сакал реформата да ја сведеме на споредбата „седум или пет дена“. Клучната бројка е 15 и тука нема промена – нагласува Перински.

Македонски


