Skip to main content

Ивана Јаковова е добитничка на наградата „Вавилон“ за преводот на краткиот расказ „Ноќ во Тунис“ (од Нил Џордан) од англиски на македонски јазик

Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија во партнерство со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, ја додели наградата „Вавилон – нова генерација“ за најдобар студентски превод. Настанот се одржа во Јуроп Хаус во Скопје, по повод Европскиот ден на јазиците.

Целта на наградата Вавилон е да им даде поддршка на младите преведувачи во Македонија и да ја нагласи важноста на квалитетот во книжевните преводи. На конкурсот можат да се пријават студенти со превод на книжевно дело од кој било од 24-те официјални јазици на Европската Унија на кој било од јазиците што се зборуваат во земјата. Како дел од наградата, студентите што конкурирале учествуваат и во резиденција за книжевен превод, посветена на усовршување на нивната преведувачка умешност под менторство на етаблирани преведувачи.

Овогодишната добитничка на наградата е Ивана Јаковова за преводот на краткиот расказ „Ноќ во Тунис“ (од Нил Џордан) од англиски на македонски јазик, а наградата ѝ ја додели амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас. Наградата се состои од студиско патување поврзано со превод.

Конкурсот за следното издание на наградата „Вавилон – нова генерација“ ќе биде распишан во рана пролет 2027 година.

Поврзани вести