
Во Охрид денеска официјално беше отворен Дневен центар за стари лица со активно стареење, простор наменет за дружење, рекреативни и едукативни активности, како и за намалување на осаменоста и социјалната изолација на повозрасните лица.
Станува збор за проект реализиран од Општина Охрид, Светската банка и Министерството за социјална политика, демографија и млади, а носител на проектот е Здружението на граѓани ВОПС.
Центарот, што во моментов го посетуваат триесеттина корисници, ќе овозможува различни активности за поттикнување на физичката и менталната активност, зачувување и развивање на индивидуалните способности, стекнување нови знаења и меѓусебно дружење и солидарност. Предвидени се и активности за активно учество на старите лица во животот на локалната заедница, како и меѓугенерациска соработка и поврзување на различни генерации.
На свеченото отворање се обрати градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој оцени дека отворањето на Центарот е важен чекор во создавањето похумано и грижливо општество.
Нашите постари сограѓани го градеа Охрид, ги воспитуваа генерациите пред нас и со својот труд го дадоа темелот на сето она што денес го имаме. Затоа, наша должност и морална обврска е да им обезбедиме достоинствени услови, исполнети денови, почит и грижа какви што заслужуваат- рече градоначалникот.
Пецаков информира дека Светската банка и Министерството за социјална политика, демографија и млади обезбедиле 1.250.919 денари, додека Општина Охрид како кофинансиер учествувала со 438 илјади денари. Просторот е во сопственост на Општина Охрид, која ги презема и трошоците за месечните комунални сметки, а обезбедено е и патничко комбе за превоз на корисниците.
Дневниот центар располага со соба за дневен престој, кујна, простории за рекреација и за стручни тимови и три тоалети. Отворен е од 8 до 16 часот, а за секој ден од неделата се предвидени различни содржини од спортски, рекреативен, културен и социјален карактер.
Новиот Дневен центар е замислен како место каде што нашите повозрасни сограѓани ќе можат да се дружат, да учествуваат во разни рекреативни и едукативни активности, да добиваат соодветна поддршка и, најважно од сè, да не се чувствуваат осамено“, рече Пецаков.
Тој најави дека Општина Охрид и во иднина ќе продолжи да вложува во социјални услуги и проекти кои директно го подобруваат квалитетот на животот на сите генерации.

Македонски


