
Прекрасниот амбиент на Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје ќе биде простор на централниот настан на деветото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ на втори октомври (петок) со почеток во 19:00 часот.
Низ програмата ќе нè води Александра Јуруковска, која ќе презентира кус приказ на најважните карактеристики кои му дадоа белег на годинешниот конкурс кој, годинава е во духот на одбележувањето на јубилејот – 95 години од раѓањето на Анте Поповски. Исто така, ќе проговориме и за одбележувањето на јубилеите – 30 години од објавувањето на книгата есеи „Окото, светлините“ и 25 години од објавувањето на маестралното поетско дело „Света песна“ од Анте Поповски.

За естетските вредности на збирките на добитнците на традиционалните поетски награди, „Антево перо“ „Антев златник“ и „Антев часовник“, во продолжение ќе се осврне д-р Атина Цветаноска, член на жири-комисијата, по што ќе следи и врачување на наградите. Публиката ќе проследи и поетско читање, на кое ќе се претстават годинешните лауреати и авторите кои беа селектирани во потесниот избор за наградите.

Македонски

