Skip to main content

Загреб парализиран: Втор ден штрајк на јавниот превоз и комуналните служби, се чека одлука од судот

Во Загреб и денеска продолжи штрајкот на вработените во градските служби по неуспешните преговори за зголемување на платите, поради што јавниот превоз во хрватската престолнина е речиси во целосен прекин, а на улиците сообраќаат само два трамваја и еден градски автобус.

Во судот во Загреб за денеска е закажано рочиште на кое треба да се одлучува за законитоста на штрајкот.

Штрајкот започна вчера, а во него учествуваат синдикатите од „Загрепски холдинг“ – компанијата што обединува повеќе комунални и јавни служби – и од „Загрепски електричен трамвај“ (ЗЕТ). Меѓу комуналните служби, најголем одзив има кај вработените во „Чистоќа“. Претседателот на синдикатот на „Чистоќа“, Мумин Хоџиќ, утрово изјави дека е организиран минимален процес на работа и дека 20 камиони ги собираат отпадоците само од болниците, училиштата, градинките и касарните.

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, од партијата „Можеме!“, повтори дека нема да прифати ултиматуми и ги критикуваше синдикатите што стапиле во штрајк пред да заврши арбитражата за неопходните минимални работни задачи.

Подготвен сум за компромис што градот може финансиски да го издржи, но нашите позиции се многу оддалечени – изјави Томашевиќ.

Тој додаде дека првиот ден од штрајкот не дошло до колапс благодарение на одговорното однесување на граѓаните, кои користеле велосипеди, пешачеле, работеле од дома или се организирале за заеднички превоз. Градинките и основните училишта работеа нормално, додека во средните училишта беше забележан поголем број отсуства.

Главниот спор меѓу раководствата и синдикатите е околу зголемувањето на основицата за пресметка на платите. Градот нуди зголемување по моделот 4,5 + 4,5 + 4,5 отсто (при што првото зголемување веќе е спроведено од 1 јануари, а следното од септември). Од друга страна, синдикатите во „Холдинг“ бараат зголемување на основицата за 12 отсто, додека во ЗЕТ своето барање го намалија од 15 на 13 отсто.

Поводот за штрајкот предизвика и политички реакции. Премиерот Андреј Пленковиќ, кој е претседател на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) – која во Загреб е во опозиција во однос на левата коалиција на „Можеме!“ и Социјалдемократската партија (СДП) – ги отфрли обвинувањата дека неговата партија стои зад протестот, оценувајќи ги како „ниски“. Според него, целата одговорност за штрајкот ја сносат градот, градоначалникот и раководството на градските претпријатија.

Според податоците што ги објави порталот „Индекс“, просечната исплатена нето-плата на возачите во ЗЕТ за јули изнесувала 1.992 евра (со сите додатоци), медијалната плата во компанијата била 1.942 евра, додека просекот на сите вработени во ЗЕТ изнесувал 1.930 евра. Во „Чистоќа“, возачите во јули просечно зеле 1.851 евро нето, а комуналните работници 1.651 евро. За споредба, просечната нето-плата во Хрватска во јули изнесувала 1.540 евра (медијална 1.346 евра), додека во Загреб просечната нето-плата според податоците за јуни изнесувала околу 1.750 евра (медијална околу 1.500 евра).(МИА)

Поврзани вести