Skip to main content

Нови жртви во Газа во израелските напади и покрај договорот за прекин на огнот

Двајца Палестинци загинаа, а неколку други лица, меѓу кои и деца, беа повредени рано утринава во израелски воздушен напад и пукање во Појасот Газа, во услови на постојани прекршувања на договорот за прекин на огнот што е во сила од 10 октомври 2025 година.

Според медицински извори и дописникот на агенцијата Анадолија, во воздушен напад врз стан во зградата „Ал Батул“ во населбата Ал Наср, западно од градот Газа, загина еден Палестинец, а неколкумина беа повредени. Медицински извор од болницата „Ал Шифа“ потврди дека жртвите и повредените биле веднаш пренесени во оваа здравствена установа. Очевидци наведуваат дека нападот бил извршен со израелски самоубиствен дрон кој претходно кружел над областа, при што во целосно уништениот стан избувнал пожар кој предизвикал паника меѓу локалното население.

Во централниот дел на Газа, источно од Деир ал Балах, уште еден Палестинец го загуби животот откако врз него било пукано од страна на израелската армија на улицата „Салах ал Дин“. Извор од болницата „Маченици од Ал Акса“ изјави за Анадолија дека во нивната установа било донесено телото на застреланиот Ахмед Абу Мур.

Во меѓувреме, израелската армија спроведе и обемна операција за уривање објекти во областите под нејзина контрола источно од Деир ал Балах, потврдуваат локални извори и сведоци.

Министерството за здравство во Газа соопшти дека од стапувањето во сила на примирјето, во израелските прекршувања на договорот досега загинале 1.421 Палестинец, а 4.983 се повредени. Од почетокот на воените дејствија на 8 октомври 2023 година, во Појасот Газа загинале повеќе од 74.000 Палестинци, над 175.000 се повредени, а уништени се околу 90 отсто од инфраструктурата во енклавата.(МИА)

Поврзани вести