
Останките што му се припишуваат на цар Самуил наскоро би можеле да го напуштат Солун, повеќе од половина век откако беа откриени на островот Свети Ахил во Мала Преспа. Грчките медиуми јавуваат дека постапката за нивно предавање на Бугарија е во завршна фаза.
Според информациите на ePolitical.gr и Dete.gr, предавањето се очекува во текот на оваа недела. Прашањето со децении било предмет на разговори меѓу двете земји, без конечно решение.
Една од пречките била потребната согласност од Грчката православна црква. Според најновите информации што ги пренесуваат грчките медиуми, таа дозвола сега е обезбедена.
Веста ја пренесоа и бугарските медиуми.
„Во Софија Самуил се запозна со христијанството“
Премиерот на Бугарија нагласи дека ова е резултат на интензивни преговори меѓу Бугарија и Грција.
„В сабота, 3 октомври, наутро, ќе бидам во Музејот на византиската култура во Солун, каде што, на церемонија што ја организира премиерот на Грција, посмртните останки на цар Самуил официјално ќе бидат предадени на бугарската држава“, објави Радев.
Тој информираше дека по нивниот транспорт со авион до Софија, тие ќе бидат положени во посебен саркофаг во црквата Света Софија, каде што, според Радев, идниот цар на Бугарија бил „запознаен со христијанството како дете“.
Радев рече дека истиот ден во 12:30 часот ги поканува сите Бугари во Софија за да ги пречекаат посмртните останки на цар Самуил.
„Потоа, заедно со поворка, ќе го испратиме во Света Софија на неговото последно патување, додаде тој.
Од Преспа до музеј во Солун
Останките биле откриени во 1969 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос при ископувањата на базиликата Свети Ахил.
Муцопулос една од гробниците ја поврзал со цар Самуил, кој починал во 1014 година. Грчките археолошки извори и денес наведуваат дека се верува оти неговото погребно место се наоѓало во десниот кораб на базиликата.
Посмртните останки подоцна биле пренесени и денес се чуваат во Музејот на византиската култура во Солун, според информациите што ги пренесуваат грчките и бугарските медиуми.

Македонски


