
Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп одлучил да ѝ додели на Украина лиценца за производство на ракети за системите за воздушна одбрана „патриот“. Зеленски кажа дека Трамп лично му го потврдил ова за време на нивниот состанок во Њујорк.
„Постојат конкретни договори. На нашиот последен состанок, претседателот Трамп ми потврди: „Да, донесов конечна одлука. Украина ќе добие лиценци за производство на ракети „патриот““, изјави Зеленски за новинарите, пренесуваат украинските медиуми.
По изјавата на украинскиот претседател, американскиот Стејт департмент објави дека Соединетите Американски Држави сè уште не донеле конечна одлука за доделување лиценца на Украина. Самиот Трамп на 31 јули, кога коментираше за оваа можност, изјави дека САД „мора да бидат многу внимателни“ во овој поглед.
Зеленски претходно изјави дека Украина постигнала договор за испорака на еден пакет ракети за системите „патриот“, што е одвоено од прашањето за лиценца за производство.

Македонски


