
Кирил Дмитриев, специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин за инвестиции и економска соработка, отворено предложи економска соработка со партијата „Алтернатива за Германија“ (АфД) во пресрет на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија, пренесе ДПА. Гласачите во оваа североисточна покраина утре ќе излезат на гласање за да изберат нов покраински парламент.
Според предизборните анкети, најголеми шанси за победа им се даваат на „Алтернатива за Германија“ и Социјалдемократската партија (СПД) – предводена од актуелната премиерка на покраината, Мануела Швезиг.
Мекленбург-Западна Померанија повторно ќе процвета кога ќе се врати достапниот и сигурен гас од „Северен тек“, благодарение на соработката со АфД. Пониски сметки за енергија, повеќе работни места и повисок економски раст. Доста е со енергетското и индустриското самоубиство на Германија“, напиша Дмитриев на платформата Х како одговор на објавата на копретседателката на АфД, Алис Вајдел, во која таа повикува на политички промени во оваа германска покраина.
Во минатото, официјална Москва понуди обновување на испораките на евтин природен гас за Германија преку гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море, под услов да се укинат санкциите. Само еден од првичните четири крака на гасоводот „Северен тек“ остана функционален по саботажите и експлозиите што ги оштетија „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во 2022 година.
Дмитриев е и еден од клучните преговарачи на рускиот претседател Владимир Путин во разговорите со САД насочени кон ставање крај на војната во Украина.

Македонски


