
Во книжарницата на „Матица македонска“ денеска во Скопје беше промовирана поетската збирка „Раскинување на договорот“ од грчкиот поет Сотирис Минас, двојазично издание на грчки и македонски јазик, објавено по иницијатива на поетот и издавач Раде Силјан, кој е и главен уредник на книгата.
Отворајќи го настанот, Силјан посочи дека изданието претставува значаен книжевен и културен чин што ги поврзува двата народа преку поезијата и јазикот.
Особено ме радува што македонските читатели добиваат можност да се сретнат со поезијата на Сотирис Минас токму во двојазично издание, во кое рамноправно живеат грчкиот оригинал и македонскиот препев – истакна Силјан, стои во соопштението од Матица Македонска.
Станува збор за прва поетска збирка на Минас објавена во Македонија, во која покрај грчките оригинали се вклучени и македонски препеви направени од самиот автор. Во авторската белешка, Минас наведува дека одлуката книгата да биде објавена во Македонија е „свесен чин на правда“, а двојазичното издание го определува како практично признавање на македонскиот идентитет и чин на солидарност.
Обраќајќи се пред публиката, авторот рече дека во историјата и борбата на македонскиот народ препознал дел од своето лично искуство.
Кога ја проучував историјата на македонскиот народ и на овој регион, во нивната борба ја препознав мојата сопствена борба – рече Минас, додавајќи дека учењето на македонскиот јазик за него претставува „свесен, политички и хуманистички чин“.

За книгата говореше писателот и книжевен критичар Иван Антоновски, кој ја истакна симболиката на изданието и поддршката што Минас ја покажува кон македонскиот јазик и култура.
Нашиот јазик не чека туѓа потврда за да постои – нагласи Антоновски, оценувајќи дека книгата покажува оти ниту еден јазик не мора да исчезне за другиот да биде слушнат и разбран.
„Раскинување на договорот“ обработува теми поврзани со слободата на изразување, правото на сопствен јазик, љубовта, ранливоста и отпорот кон стравот и замолчувањето.

Македонски


