
Под слоганот „Сите сме исти. Јас и ти“, од 13. до 17. октомври по петти пат во Театарот за деца и младинци, Македонскиот народен театар и Драмски театар Скопје сите деца, млади и возрасни ќе имаат можност да уживаат со претставите на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.
Во светот на децата нема „мои“ и „твои“, нема важни и помалку важни. Можеме да зборуваме на различни јазици, да живееме во различни земји, да изгледаме различно и да раскажуваме различни приказни – но сите се смееме, сонуваме, се плашиме, сакаме и посакуваме да бидеме прифатени. За човечноста нема граници. За пријателството не е потребен превод. А театарот нè потсетува дека, пред сè, сите сме исти. И јас и ти, вели организаторот.
Петтото фестивалско издание ќе донесе едни од најдобрите претстави од регионот и Европа, создадени во последните години од професионалци од областа на куклениот, детскиот и младинскиот театар.
Во пет фестивалски дена ќе се сретнат различни сценски јазици, современи театарски естетики и уметници, во простор во кој различностите не нè делат, туку нè зближуваат.
Наскоро ќе биде објавена официјалната фестивалска програма.
Автор на идејното решение за визуелниот идентитет на фестивалот е Бранкица Јордановска.

Македонски


