
Во касарната „Јане Сандански“ – Штип денеска беше одбележан денот на Вториот пешадиски баталјон. По тој повод, командантот на Вториот пешадиски баталјон, потполковник Ристо Стоев, истакна дека со особена чест и гордост го одбележуваат овој ден, кој потсетува на историјата, традицијата и на генерациите припадници кои со својот труд, храброст и пожртвуваност го граделе патот на единицата. Посочи дека корените ги наоѓаат во 14. младинско македонска народноослободителна ударна бригада „Димитар Влахов“.
Токму на 17 септември 1944 година, во селото Митрашинци, Беровско, е формирана оваа бригада, составена од речиси 700 борци, главно младинци од Беровско, Делчевско, Кочанско, Радовишко и Штипско. Таа била дел од борбениот состав на Народноослободителната војска на Македонија, а подоцна и на 48. македонска дивизија. Како единица што ги продолжува и негува борбените традиции на оваа славна бригада, денес со особена почит се навраќаме на нејзиниот борбен пат, на храброста и пожртвуваноста на нејзините припадници и на нивниот придонес во завршните операции за ослободување на Македонија – рече Стоев.
Тој се осврна и на почетоците посочувајќи дека од првите години на Армијата единицата минува низ разни организациски трансформации, постојано градејќи ги својот идентитет, својата обученост и својата оперативна способност. Од 1996 година го носи препознатливото име „Скорпиони“ – име кое низво текот на годините прерасна во симбол на припадност, борбен дух и професионализам.
„Скорпионите“ не се само име. Тие се симбол на карактер. Симбол на единица што знае да биде трпелива кога треба, одлучна кога е потребно и силна кога задачата го бара тоа. Во текот на годините единицата „Скорпии“ ја потврдува својата вредност на домашен терен, но и во многубројни меѓународни вежби и операции, градејќи интероперабилност со сојузничките армии и потврдувајќи дека професионализмот и подготвеноста немаат граници. Токму затоа мотото „Чест и сила“ за нас не е само натпис. Тоа е начин на служба, начин на однесување и обврска кон единицата и кон оние што доаѓаат по нас – потенцира Стоев.

Во чест на 30 години од постоењето на името на единицата „Скорпии“, тој им оддаде признание и благодарност на сите поранешни припадници на Вториот пешадиски баталјон, кои со својата несебичност, пожртвуваност и професионализам дадоа значаен придонес во градењето, развојот и афирмацијата на единицата.
Изминатата година за припадниците на Вториот пешадиски баталјон беше година на интензивна обука, посветена работа и постојано унапредување на борбените способности. Од тактичките активности и ситуациско-тактичките вежби, преку специјалистичката и функционалната обука, па сè до подготовките за НАТО-оценувањето, секоја активност имаше една цел – да бидеме подобри, пооспособени и подготвени за мисијата што ни е доверена. Особено значаен беше периодот на подготовка за вежбата „Блесок 26“. Се работеше на усовршување на тактиките, техниките и процедурите, на координацијата меѓу единиците и на усогласувањето со НАТО-стандардите. Во април, преку реализацијата на „Блесок 26“, припадниците на баталјонот, како јадро на Лесната пешадиска баталјонска група, имаа можност практично да го покажат она за што се обучуваа и подготвуваа. Успешното завршување на НАТО-оценувањето на борбената готовност и потврдата дека Лесната пешадиска баталјонска група е борбено подготвена за извршување на својата мисија претставува признание за вложениот труд на секој припадник – истакна Стоев.
Дејан Чиплаковски, бригаден генерал, најави дека до крајот на годината продолжуваат со подготовките за вежбата „Блесок 27“, која ќе се реализира во 2027 година и ќе биде најголема меѓународна вежба која досега е реализирана на територијата на Македонија.
Вие, како јадро на Лесната пешадиска баталјонска група, заедно со делови од другите единици од бригадата, ќе бидете директни учесници на вежбата. Тоа повторно ќе биде круна на вашата пожртвуваност и посветеност, со што уште еднаш ќе докажеме дека сме рамо до рамо со другите НАТО-сојузници – рече Чиплаковски.
Тој порача дека војничката професија е тешка и ризична, бара многу одрекувања и жртви, но, од друга страна, е благородна и достоинствена.
Затоа ве охрабрувам да продолжите напред. Со несебичен ангажман и максимална посветеност, заедно со другите единици од бригадата, секогаш да бидеме подготвени да застанеме на браникот на татковината. Да ја сакаме и чуваме Македонија и да бидеме гарант дека можеме да се справиме со секој предизвик кој ја загрозува безбедноста на граѓаните – нагласи Чиплаковски.

Македонски


