
Веројатно ќе се согласиме дека политичкиот живот во Македонија предолго се сведува на една иста матрица. Скандали, контраскандали, обвинувања, деманти и повторно од почеток. Денови, недели и месеци се трошат на политички препукувања, додека вистинското прашање, што конкретно се прави за граѓаните, останува во втор план.
Со исклучок на одредени изолирани периоди во текот на овие триесет и пет години независност, овој начин на однесување во македонскиот општествен и политички живот стана норма на однесување и наше секојдневие. Повеќе се „лепевме“ на вести со скандалозна содржина отколку за оние кои презентираа постигнатите резултати. Речиси по правило повеќе сакавме да фаќаме сеир на негативни содржини и сомнителни вести, често пати на измислени и накитени лаги. Тие повеќе го привлекуваа нашето внимание од оние кои што зборуваа за остварувањата.
Не дека нашето внимание не треба да биде свртено кон вестите кои содржат наводи за криминал или корупција. Јавноста всушност треба да биде заинтересирана и најдобриот чувар на имотот и интересот на граѓаните. Но, кога живееме во опкружување и инфлација од корупциски скандали, заѕидани пари во ѕидови или организирани криминални шеми за цицање на буџетот, стануваме сомничави дури и за секое нешто што се појавува како активност и дава резултати.
Дали работите конечно ќе започнат да се менуваат?
Ако приоритет во општествената дебата стане тоа што Државниот завод за статистика информира дека реалниот раст на БДП во вториот квартал од 2026 година изнесува 4,3 проценти на годишно ниво, додека во август инфлацијата изнесува само 0,4 проценти, тогаш би можеле да кажеме дека работите поврзани со јавната дебата се менуваат. Тоа се бројки кои не можат да се демантираат со политички флоскули.
Или пак ако зборуваме за уште еден важен индикатор, како што е наплатата на јавните приходи, тогаш ќе знаеме дека во првата половина од 2026 година се наплатени 2,27 милијарди евра даноци и придонеси. Toa е за 231,8 милиони евра повеќе во однос на истиот период минатата година. Даночните приходи пораснале за 14,9 проценти, а приходите од придонеси за 7,6 проценти. Ова значи повеќе средства во системот и поголем простор за финансирање на здравството, образованието, социјалната заштита и капиталните инвестиции.
Инвестициите во инфраструктурата се еден од клучните столбови на економската политика, а државата во последниве две години интензивно работи на реализација на големи инфраструктурни проекти. Особено за истакнување се Коридорите 8 и 10, како и железничката инфраструктура. Токму инвестициите во инфраструктурата можат да се посочат како еден од главните двигатели на економскиот раст за кој говорат сите статистички показатели.
Овие и ним слични теми треба да се теми присутни во јавниот дискурс. Теми за кои се зборува и кои треба да претставуваат пример на однесување во сите општествени сегменти и институции. Резултатите и постигнувањата се репер и мотивација за нови резултати и постигнувања.
Но, ние повеќе сакаме да „снимаме филмови“ и да бараме недоследности и злоупотреби и таму каде што ги нема. Проектот, каков што беше прославата на триесет и пет години независност на Македонија, нешто кое што има силна симболика и супстанца за опстојувањето и функционирањето на македонската држава, ние сакаме да го скандализираме и осквернавиме. Поточно кажано не баш сите ние, далеку од тоа, туку една или две политички партии, кои во отсуство на политичка релевантност и визија секогаш барат проблем во туѓиот двор.
СДСМ е предводник на сите напади што ги слушаме и гледаме во однос на прославата за независноста на Македонија. Прејудицираат неправилности и незаконитост. Го повикуваат обвинителството да поведе истрага. На своите прес-конференции тие веќе донесоа пресуда. Со сите сили се обидуваат да го намалат позитивниот впечаток што се создаде од целокупниот проект, како и концертот на Дејвид Гета пред преполниот стадион во Скопје. Особено ги засилија своите напади после објавата на видеоклипот на Дејвид Гета со кој се заблагодари за спектакуларната атмосфера.
Таква промоција, во таков позитивен контекст, македонската држава досега немала честа можност да ја доживеена глобално ниво за овие триесет и пет години независност. Оваа промоција претставува значајна додадена вредност на сите вложени напори, време, креативност и пари со кои беше реализиран проектот. СДСМ во ниту еден момент не спомна дека проектот во себе носи сериозна кохезивна компонента која го зајакнува чувството дека имаме своја држава и сме свои на своето.
Ние денес не зборуваме за овие позитивни ефекти кои што ги предизвика проектот. Ние ги напаѓаме и зборуваме за „лотарии, авалони или стардасти“ кои како правни лица и брендови го изнесоа проектот на свој грб во делот во кој што беше нивната задача. Ние денес не зборуваме за нашите уметници кои беа вклучени во проектот кај кои се забележуваше посебна почит и пристап кон задачата и ангажманот кој што го имаа. Може слободно да кажеме дека најголемиот дел од нив, ако не и сите, имаа фасцинантни настапи со длабок емотивен набој, до сега не забележан кај секој од нив поединечно. Дали тоа беа нивните најдобри изведби во кариерата, тоа е друго прашање, но дека беа дадени од душа и со емоција која побудува чувство на припадност и љубов кон државата, тоа дефинитивно да.
Парите за проектот од некаде морале да бидат обезбедени. Проектот некој морал да го реализира. Дали тоа ќе биле овие „лотарии, авалони и стардаси“ или некои други, за согледување на големата слика е сосема неважно прашање. Доколку има сомнежи, тие треба да бидат проверени и расчистени. Но, сомнежот сам по себе не може да биде доказ за криминал, ниту политичкото обвинување може да ја замени институционалната проверка.
Само криминален ум може без никаква резерва да обвинува дека некој има намера да украде дел од парите. Тоа што самите го правеле и би го правеле, го префрлаат и кај другите како начин на однесување.
Кога веќе ја спомнуваме Лотарија, ако не нѐ лаже сеќавањето, ова е првпат јавноста да биде запознаена со тоа каде отишол нераспределениот дел од дивидендата на оваа компанија. За прв пат во триесет и пет години независност слушнавме за некаков јавен придонес на Лотарија.
Затоа, СДСМ првин треба да кажат како биле распределувани и каде оделе овие пари во време на нивното, на пример, последно осумгодишно владеење. Само тогашби имале морално право да фрлаат сомненија за некакви криминали кои што тие ги замислуваат, дури и за нешто кое што за прв пат транспарентно е изнесено пред јавноста.
Воопшто не изненадува нивниот пристап. Тие до вчера беа власт и до вчера реализираа некакви проекти. Особено го паметиме проектот со кој го прославуваа датумот за почеток на преговори со ЕУ. Имаше поставено бини, гостуваа пејачи и караван кој одеше низ многу градови на Македонија.Се правеа концерти низ празните македонски плоштади.
За што?
За ништо!
За датумот на Заев?! За преговорите на Димитров или пак за преговарачката рамка на нивните наследници Ковачевски и Филипче?!
И тука е суштината на проблемот. Начинот на кој се трошеле народните пари во тоа време не треба автоматски да се претпоставува како начин на реализација на денешните проекти. Ако има сомнежи, тие треба да се докажат со факти, а не да се пресликуваат политички модели на однесување од едни други времиња. Нивното криминално и манипулативно трошење на народните пари како фатаморгана го гледаат и префрлаат и кај политичкиот противник.
Тие ја продолжуваат праксата според која постојано дебатираме за скандали и недокажани обвинувања. Ја продолжуваат праксата со која секое чувство на среќа и припадност кон Македонија мора да биде задушено со политички отров. Повторно играат на картата дека Македонецот сака да гледа сеир и повеќе „ќе се фати“ на приказната за криминал, отколку на постигнувањата, резултатите и позитивните чувства.
Времињата се сменети. Манипулациите во денешно време сѐ помалку можат да поминат. Секој граѓанин има пристап до многу извори на информации и може да направи разлика меѓу тоа што е вистинска, а што лажна вест. Може да направи разлика меѓу државниот и јавниот интерес, наспроти интересот на една партија или на нејзиното потесно раководство. Граѓаните денес можат да прават разлика меѓу големата слика и малите сликички кои им се фрлаат пред очи.
Таква е денешната реалност. Колку порано ќе ја осознаат политичките партии, толку порано ќе поминеме на повисоко ниво на општествена дебата. Дебата, во која ќе се вреднуваат сите аспекти, и постигнувањата и промашувањата.

Македонски


