Skip to main content

Двајца лекари уапсени во Атина по смртта на познатиот грчки пејач Ѓоргос Мазонакис

Фото: Facebook/Giorgos Mazonakis

Двајца лекари се уапсени во Атина во рамки на истрагата за смртта на познатиот грчки пејач Ѓоргос Мазонакис, кој почина на 54-годишна возраст откако доживеал срцев застој во приватна ординација во атинската населба Колонаки, објави Скопје1.мк.

Според грчките медиуми, против лекарот и лекарката е поднесена кривична пријава поради сомнежи поврзани со изложување на опасност со смртен исход. Тие треба да бидат изведени пред обвинител.

Истрагата се фокусира на последните часови пред смртта на пејачот, како и на можните несогласувања меѓу исказите на лекарите и другите досега собрани докази.

Лекарите наводно тврделе дека плазмаферезата не била започната пред наглото влошување на состојбата на Мазонакис. Од друга страна, припадници на итната медицинска помош наводно изјавиле дека при нивното пристигнување апаратот бил во функција.

Полицијата ја проверува временската линија на настаните, вклучително и времето на пристигнување на Мазонакис во ординацијата и моментот кога била повикана итната медицинска помош. Според досегашните информации, апаратот при последното користење бил активен околу 45 минути.

При претресот на ординацијата биле пронајдени два апарати за плазмафереза. Полицијата и претставници на Лекарската комора на Атина проверуваат дали биле исполнети сите законски и медицински услови за нивно користење.

Претседателот на Лекарската комора на Атина, Ѓоргос Патулис, посочил дека плазмаферезата е сложена медицинска постапка за која се потребни соодветно обучен персонал и услови за итна реакција во случај на компликации.

Адвокатот на двајцата лекари ги отфрла сомнежите и тврди дека ординацијата работела согласно со законските правила и дека медицинските апарати биле пријавени кај надлежните институции.

Во истрагата е вклучен и грчкиот министер за здравство, Адонис Георгиадис, кој побарал да се проверат условите во кои работела ординацијата. Според неговите претходни изјави, објектот бил регистриран како интернистичка ординација, а не како клиника.

Од ординацијата биле одземени документација, електронски уреди, медицински производи и друг материјал, а дел од доказите биле обезбедени и при претрес на домовите на лекарите.

Клучни одговори за причината за смртта треба да даде обдукцијата, која била одложена за петок по барање на семејството. Се очекува наодите да помогнат да се утврди причината за срцевиот застој и дали постои поврзаност со медицинската постапка.

Семејството на Мазонакис преку адвокат соопшти дека ја поддржува постапката за целосно расветлување на околностите под кои починал пејачот.

Ѓоргос Мазонакис повеќе од три децении беше едно од најпознатите имиња на грчката музичка сцена, а во последните години беше познат и како член на жирито на „The Voice of Greece“.

Извор: Скопје1.мк

Поврзани вести