
Германски сојузни обвинители денеска соопштија дека поднеле обвинение против седуммина осомничени членови на палестинската исламистичка група Хамас, обвинувајќи ги за набавка на оружје за напади врз израелски или еврејски објекти во Германија или Австрија.
Се наведува дека нападот бил подготвуван минатата година со цел да се одбележи втората годишнина од терористичките напади врз Израел од 7 октомври 2023 година, а цели биле израелски претставници, Евреи или поддржувачи.
Мажите се обвинети дека како таканаречени прекуокеански оперативци набавувале оружје и муниција за милитантната група, соопштија обвинителите.
Против уште еден осомничен се води одделна постапка бидејќи сè уште се наоѓа во притвор во Обединетото Кралство, каде што се чека негова екстрадиција.
Сојузниот обвинител ги обвинува мажите, кои имаат различни државјанства, за членство во странска терористичка организација и за подготовка на тежок чин на насилство со кој се загрозува државата. Обвинителниот акт опфаќа и прекршоци поврзани со оружје.(МИА)

Македонски

