
Вечерва, во 18:30 часот, во Mega Shopping Park во Гевгелија започнува четвртото издание на гастрономско-музичкиот фестивал „Taste the South“. Од 11 до 13 септември, фестивалот ќе ги обедини локалните вкусови, традицијата, виното и музиката во тридневна програма наменета за сите генерации.
Уште од првата вечер, посетителите ќе можат непосредно да ја проследат подготовката на домашен ајвар и да го дегустираат заедно со други локални производи. Во сабота фестивалската понуда ќе биде збогатена со смокви и различни производи подготвени од нив, додека во недела ќе биде претставена традиционалната ракија. Преку подготовката на храна пред публика и средбата со локалните производители, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со рецептите, обичаите и вкусовите карактеристични за гевгелискиот регион.
Дел од фестивалот ќе бидат и македонски винарии со избор на вина, кои ќе ја надополнат гастрономската понуда и целокупното доживување на југот.
Музичката програма започнува вечерва со настапите на ЗГУД „Негорци“ од Негорци и ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци. По нив, на фестивалската сцена ќе настапат Филип Стојанов, „Пауза за ракија“, „Куку Леле“ и „Брас Брадарс“.

Во текот на првата фестивалска вечер ќе се подготвува и дегустира домашен ајвар.
Саботната гастрономска програма ќе донесе подготовка и дегустација на смокви и производи од нив.

Последниот фестивалски ден ќе биде посветен на традиционалната ракија и ќе понуди целодневни содржини за малите и за големите.

Програмата во петок и сабота започнува во 18:30 часот и трае до 01:00 часот по полноќ, додека во недела започнува во 14:00 часот и продолжува до полноќ. Публиката во текот на трите дена ќе ја водат „Диверзија“ и Марко „Дај побрзај“.
Со спојот на гастрономијата, традицијата и музиката, „Taste the South“ продолжува да ја промовира Гевгелија како дестинација со автентична понуда и препознатливо јужно гостопримство.
Фестивалот ќе се одржи од 11 до 13 септември 2026 година во Mega Shopping Park, Гевгелија, и е бренд на Општина Гевгелија.

Македонски

